Шестмина загинати, над 750 повредени по разорно торнадо во јужен Бразил
– Моќно торнадо го погоди јужниот бразилски регион Парана, при што загинаа најмалку шест лица, а повеќе од 750 се повредени, соопштија локалните власти во саботата
ИСТАНБУЛ (АА) – Моќно торнадо го погоди јужниот бразилски регион Парана, при што загинаа најмалку шест лица, а повеќе од 750 се повредени, соопштија локалните власти во саботата, јавува Анадолу.
Гувернерот Карлос Маса Ратињо Жуниор на американската платформа за социјални медиуми X објави дека е прогласена „состојба на јавна катастрофа“ во малото гратче Рио Бонито до Игуасу, додавајќи дека екипите се на терен и им помагаат на жителите во напорите за обнова по катастрофата.
Според податоците на Метеоролошкиот систем на Парана (Симепар), брзината на ветерот достигнала и до 250 километри на час, при што се срушени куќи, силоси и бензински пумпи, а околу 90 отсто од станбените и деловните објекти во погодената област се оштетени.
Воздушните снимки покажуваат сцени на целосно разурнување – откорнати покриви, згради претворени во урнатини и цели делови на градот избришани од мапата.
Според податоците на „Си-ен-ен“, меѓу загинатите во Рио Бонито до Игуасу се тројца мажи на возраст од 49, 57 и 83 години и две жени, на возраст од 47 и 14 години. Шестата жртва е маж на 53 години од соседниот град Гуарапуава. Едно лице сè уште се води како исчезнато.
Спасувачките екипи продолжуваат да пребаруваат низ остатоците, додека властите предупредуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми со пристигнување на нови информации од семејствата. Во меѓувреме, се врши проценка на бројот на раселените и бездомните лица.
Метеоролозите соопштија дека торнадото се формирало како дел од поширок временски систем поврзан со ладен фронт кој се движи низ јужниот дел на Бразилија.
