свет

Францускиот претседател претстави план за зелени инвестиции вреден 30 милијарди евра

„Франција уште еднаш ќе стане голема нација која ја избира својата судбина и која дава свој придонес кон светот за подобар живот пред предизвиците“

Ekipa   | 12.10.2021
Францускиот претседател претстави план за зелени инвестиции вреден 30 милијарди евра

ПАРИЗ (АА) - Франција ќе инвестира 30 милијарди евра во идни иновативни и зелени технологии во сектори како што се нуклеарната енергија, автомобилите и биомедицината со цел да ја заживее економијата, соопшти денес пред нацијата францускиот претседател Емануел Макрон, јавува Агенција Анадолија (АА).

Макрон го претстави инвестицискиот план „Франција2030“ во Елисејската палата заедно со премиерот Жан Кастекс, парламентарци, студенти, истражувачи и претприемачи.

Тој истакна дека целта на планот е да одговори на главните предизвици на климатските и демографските промени, здравствената криза и да го спречи опаѓањето на економијата на земјата.

„Франција уште еднаш ќе стане голема нација која ја избира својата судбина и која дава свој придонес кон светот за подобар живот пред овие предизвици“, рече тој.

Инвестициите вклучуваат 8 милијарди евра во секторот за нуклеарна енергија, 7,5 милијарди евра во здравствениот сектор за развој на најмалку 20 биолекови против нови болести, 6 милијарди евра за електронски компоненти за решавање на недостигот на полупроводници и 2 милијарди евра во земјоделството.

Макрон рече дека една од примарните стратегии е коренита промена на нуклеарниот сектор и овозможување на земјата да стане „лидер во зелен водород“. Франција е многу зависна од нуклеарната енергија за производство на електрична енергија и е одговорна за ниските цели на полето на обновливата енергија во Европа.

Поголемиот дел од средствата ќе бидат искористени за декарбонизација на нуклеарната индустрија, за развој на најмалку две гига-фабрики за електролизери и мали нуклеарни реактори со подобро справување со отпадот, рече Макрон.

Тој додаде дека дел од зелените иновации, исто така, ќе биде автомобилската индустрија на Франција и дека до 2030 година во земјата ќе се произведат речиси 2 милиони електрични и хибридни возила.

Во земјоделскиот сектор, фокус ќе биде ставен на дигиталните и инвестициите во роботиката и генетиката за подобрување на продуктивноста и изградба на „земјоделство кое е компатибилно со еколошките потреби“.

Вкупно 2,5 милијарди евра ќе бидат наменети за „обучување на таленти“ во текот на следната деценија во нови и најсовремени сектори.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.