свет

Турските и руските сили ја завршија 13. заедничка патрола во северна Сирија

„Турските и руските единици патролираа на подрачје со должина од 56 километри, до 7 километри длабочина во сириска територија“

Havva Kara Aydın   | 03.12.2019
Турските и руските сили ја завршија 13. заедничка патрола во северна Сирија

АНКАРА (АА) - Турските и руските сили ја завршија 13. заедничка копнена патрола во северна Сирија во рамките на договорот постигнат во октомври, соопшти турското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Тринаесеттата заедничка копнена патрола помеѓу турските и руските единици е завршена со воздушна поддршка на беспилотни летала источно од Еуфрат, според планираното. Вкупно осум возила, четири од секоја страна, учествуваа во 13. заедничка копнена патрола, како и беспилотни летала во секторот Ајн ал Араб“, се вели во соопштението на Министерството.

„Турските и руските единици патролираа на подрачје со должина од 56 километри, до 7 километри длабочина во сириска територија“, се додава.

Првата заедничка копнена патрола, на 1 ноември, беше спроведена во близина на Рас ал-Ајн и Камишли, источно од реката Еуфрат.

Дванаесеттата патрола беше изведена во подрачјето на Камишли и Дерек на 30 ноември.

Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.

Анкара сака терористите на ПКК/ЈПГ да се повлечат од регионот за да може да се создаде безбедносна зона и да се отвори патот за безбедно враќање на околу два милиони бегалци.

На 22 октомври Анкара и Москва постигнаа договор според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со Сирија, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.

Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.