свет

Трамп за убиството на Афроамериканецот Флојд: „Тоа никако не требаше да се случи“

„Смртта на Џорџ Флојд на улиците на Минесота беше голема трагедија. Тоа никако не требаше да се случи. Сите Американци по овој настан станаа уплашени, гневни и жалосни“

Dildar Baykan   | 31.05.2020
Трамп за убиството на Афроамериканецот Флојд: „Тоа никако не требаше да се случи“ Фото: Kyle Mazza /AA

ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обрати на церемонијата одржана по лансирањето на вселенскиот шатл со двајца астронаути на компанијата „Спејс екс“ („Space X“) во орбитата, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот Трамп го започна својот говор осврнувајќи се на убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд и на протестите што започнаа по убиството.

„Смртта на Џорџ Флојд на улиците на Минесота беше голема трагедија. Тоа никако не требаше да се случи. Сите Американци по овој настан станаа уплашени, гневни и жалосни“, истакна Трамп.

Истакнувајќи дека вчера разговарал со семејството на Флојд, Трамп рече: „Денес стојам тука како пријател и сојузник на секој Американец што сака правда и мир. Исто така стојам против секој што сака оваа трагедија да ја користи за грабежи, кражби и заплашувања.“

Потсетувајќи дека еден полициски службеник одговорен за смртта на Флојд е уапсен и обвинет за убиство, Трамп рече: „Истрагата е во тек. Може да има дополнителни обвиненија против овие полицајци.“

- „Радикалната левица е одговорна за насилството на улиците“ -

Истакнувајќи дека ги поддржуваат мирните протести, Трамп нагласи: „Она што се случува во моментот на улиците не е поврзано со правдата и мирот. Насилството и вандализмот на улиците ги режира Антифа и другите радикални левичарски групи. Овие групи напаѓаат работни места, палат згради.“

Трамп, нагласувајќи дека нивниот приоритет е заштитата на сите граѓани без дискриминација, истакна: „Не можеме да дозволиме една група криминалци и вандали да ги уништат нашите градови.“

Посочувајќи дека се во контакт со официјалните лица во Минесота и во другите држави каде што се одржуваат протести, претседателот Трамп рече: „Американската правда никогаш не е постигната од страна на разгневената толпа. Нема да дозволиме разгневените толпи да владеат со оваа земја.“

Флојд (46) беше уапсен во понеделникот, откако, наводно, се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница.

На видеоснимките на Фејсбук се гледа како има лисици на рацете и како соработува.

Но, полицијата тврди дека тој се спротивставил на апсењето, по што полицаецот Шовин клекнал со коленото на неговиот врат, и покрај континуираните молби на Флојд дека не може да дише.

Набргу потоа Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал својата позиција врз жртвата.

Флојд починал набргу откако бил однесен во болница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.