Тешките ментални заболувања го скратуваат животот повеќе отколку пушењето или дебелината, покажува нова студија
– Повеќето Британци го потценуваат влијанието на тешките ментални заболувања врз животниот век, покажува нова студија според која јавноста верува дека ваквите состојби го скратуваат животот за околу 7 години, додека реалноста е помеѓу 15 и 20 години
ЛОНДОН (AA) – Повеќето Британци значително го потценуваат влијанието на тешките ментални заболувања врз животниот век, покажува нова студија според која јавноста верува дека ваквите состојби го скратуваат животот за околу седум години, додека реалната бројка е помеѓу 15 и 20 години, јавува Анадолу.
Студијата, спроведена од „Кингс хелт партнерс“, „Модсли черити“ и Институтот за политики при Колеџот Кингс во Лондон, предупредува дека оваа „скриена здравствена криза“ ги засега повеќе од половина милион луѓе во Обединетото Кралство кои живеат со состојби како шизофренија, психоза и биполарно нарушување.
Само еден од девет испитаници (11 %) точно го процениле обемот на смртноста кај овие пациенти.
Во реалноста, тешките ментални заболувања го скратуваат животниот век повеќе отколку дијабетесот, сериозната дебелина или пушењето, кои обично ја намалуваат животната возраст до 10 години.
Анкетата спроведена врз 2.000 возрасни лица открила и сериозни недоразбирања за причините за прерана смрт кај луѓето со вакви нарушувања.
Половина од испитаниците (50 %) погрешно сметаат дека самоубиството е главната причина, иако тоа сочинува само околу 9 % од прекумерните смртни случаи, додека срцевите и респираторните заболувања се вистинските главни причини.
Свесноста за нееднаквостите е исто така ниска – само 14 % знаат дека ваквите ментални нарушувања се почести кај Афро-Карипските и Африканските Британци, а помалку од половина препознаваат дека тие се поврзани со сиромаштија и урбан начин на живот.
Сепак, јавноста покажува силна поддршка за промени – две третини (67 %) сметаат дека е потребна подобра здравствена грижа за подобрување на животниот век кај лицата со тешки ментални заболувања.
Но, мислењата се поделени околу тоа дали таквата промена е остварлива и дали треба да биде приоритет за Националната здравствена служба (NHS).
Студијата, исто така, посочува дека менталното здравје и ракот сега се сметаат за најголеми здравствени предизвици во Обединетото Кралство, и двата споменати од околу 45 % од испитаниците.
Додека 72 % од луѓето сметаат дека менталното и физичкото здравје се подеднакво важни, само 33 % веруваат дека здравствениот систем ги третира на ист начин.
Професорот Метју Хотопф, заменик-извршен директор на „Кингс хелт партнерс“, изјави: „Луѓето со тешки ментални заболувања се соочуваат со една од најголемите здравствени нееднаквости на нашето време – тие умираат 15 до 20 години порано. Нашите наоди покажуваат дека јавноста има мала свесност за оваа огромна разлика во смртноста и дека таа најчесто се должи на излечиви физички болести. Оваа скриена здравствена криза бара итна реакција, а 'Кингс хелт партнерс' е посветен на промовирање на оваа промена.“
