свет

Тешкиот живот на мигрантите на белоруско-полската граница: Немаат облека, храна и болни се

Во белорускиот град Гродно, недалеку од границата, се наоѓаат голем број мигранти, поголемиот дел од Ирак, кои се надеваат дека во потрага за подобар живот ќе успеат да преминат во Полска. Меѓу нив се и многу деца.

Ali Cura, Fakhradin Ibrahim Mohammad   | 25.11.2021
Тешкиот живот на мигрантите на белоруско-полската граница: Немаат облека, храна и болни се Фото: Sefa Karacan/AA

ГРОДНО (АА) - АЛИ ЏУРА - Бројни мигранти, во надеж дека ќе преминат на територијата на Европската Унија (ЕУ), чекаат во близина на белоруско-полската граница, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во белорускиот град Гродно, недалеку од границата, се наоѓаат голем број мигранти, поголемиот дел од Ирак, кои се надеваат дека во потрага за подобар живот ќе успеат да преминат во Полска. Меѓу нив се и многу деца.

На граничниот премин „Брузги“ во Гродно, околу 2.000 луѓе, вклучително многу жени и деца, продолжуваат да чекаат во ограниченото подрачје каде што се момнтално сместени, надевајќи се дека ќе ги преминат границите на Европската Унија (ЕУ).

Како што наведуваат белоруските власти, бегалците, меѓу кои се многу жени со околу 500 деца, живеат во многу тешки услови. За животот во кампот говореа жените, главно од Ирак.

Гесав Ростем од Сулајманије на граничниот премин стигнала со сопругот и три деца. Наведувајќи дека нивната ситуација не е добра, Ростем кажа дека просторот во кој престојуваат е малку подобар и потопол во однос на условите во шумата.

Таа се пожали дека храната е недоволна и дека не може во целост да ги прехрани своите деца. Ростем побара од ЕУ да им помогне.

„Сакам да си одам оттука. Имам деца со себе. Не сме бањати 20 дена. Имаме само малку облека со себе. Моето дете има рани на грбот“, раскажа Ростем.

Ајсан Нури од Киркук раскажа дека на границата дошла со сопругот и две деца. Својата куќа ја напуштила поради лошата ситуација во Ирак.

„Нашиот живот е тежок. Тешко е да се живее. Моите деца не можат да одат во училиште. Дојдов поради своите деца, не поради себе“, истакна Нури.

Изјави дека во привремениот камп немаат доволно храна и дека хигиенските услови се лоши.

„Нема добра храна. Тешко е да се најде питка вода. Нема топла вода. Не можам да ги избањам децата. Валкани сме. Детето беше многу болно вчера. Облеката му е валкана“, се жали Нури.

Наведувајќи дека на децата им е ладно во просторот каде што престојуваат, Нури истакна дека нејзините мали деца спијат облечени во топла облека.

Сумеје Ризгар на границата дојде од Ербил. Наведе дека ситуацијата во Ирак не е добра.

„Во нашата земја нема живот. Сакаме во Европа. Не можам да се грижам за своите деца. Нема доволно храна, нема млеко. Болна сум. Тука е гужва. Нема облека, храна, средства за чистење. Оттука сакаме да одиме во Германија“, порача Ризгар.

И Зирјан во пограничното подрачје помеѓу Белорусија и Полска дојде од Ирак.

„Децата морам да ги бањам надвор, на ова ладно време. Кога децата се гладни, мораме да чекаме да стигне храната, а пристига само еднаш дневно. Не можеме да спиеме внатре. Многу е тесно бидејќи има многу деца. Многу е тешко да се живее ваков живот. Непријатно ни е поради тоа, но сепак мора да го прифатиме“, нагласи Зирјан.

Дилнија дојде од Сулајманија со мажот, синот и ќерката која е парализирана. Објаснувајќи дека сакаат да одат во Европа, Дилнија рече дека животот во Сулајманије е тежок и дека земјата ја напуштиле бидејќи нивните деца таму немаат иднина.

„Животот на децата тука е многу лош, нема живот. Избравме тежок пат за нов живот. Ситуацијата тука е полоша. И моето дете е болно. Ова место е лошо за него“, кажа Дилнија.

Од август, Литванија, Латвија и Полска, државите на ЕУ со кои граничи Белорусија, регистрираа драматично зголемување на бројот на нерегуларни премини на границата.

Досега оваа година, повеќе од 8.000 луѓе се обиделе да преминат во Европскиот блок преку границата со Белорусија и ЕУ, што е значително повеќе во однос на само 150 минатата година.

Од ЕУ тврдат дека Белорусија доаѓа до потенцијални патници преку навидум официјални канали, вклучително дипломатски мисии и туристички агенции, и ги повикува нудејќи им визи. Потоа наводно ги води до границите на ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın