свет

Талибанците: „Нема да присуствуваме на ниту една конференција за Авганистан сè додека странските сили не се повлечат“

Според официјалните податоци, во Авганистан во моментов има 2.500 американски војници

Sayed Khodaiberdi Sadat   | 14.04.2021
Талибанците: „Нема да присуствуваме на ниту една конференција за Авганистан сè додека странските сили не се повлечат“

КАБУЛ (АА) - Мухамед Наим Вардак, портпаролот на Талибанското политичко биро во Катар, истакна дека тие нема да присуствуваат на ниту една конференција за Авганистан сè додека странските сили не се повлечат од земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Вардак, во изјавата на својот профил на социјалните мрежи, истакна дека „талибанците работат според упатствата на светата религија исламот“.

Посочувајќи дека талибанците ги носат одлуките по консултациите што ќе ги направат, Вардак истакна дека тие нема да учествуваат на ниту една конференција за Авганистан пред странските сили да се повлечат од земјата.

Во изјавата од Министерството за надворешни работи на Турција беше истакнато дека во организација на Турција, Катар и Обединетите нации (ОН) од 24 април до 4 мај во Истанбул ќе се одржи конференција на високо ниво меѓу претставниците на Исламската Република Авганистан и претставниците на талибанците.

- Одлука на САД да се повлечат од Авганистан -

Висок службеник на американската администрација, кој сакаше да остане анонимен, во изјавата за медиумите рече:

„По строгиот процес на испитување, претседателот (Џо) Бајден одлучи да ги повлече американските трупи од Авганистан и конечно да ја заврши американската војна во Авганистан. Процесот на повлекување ќе го започнеме пред 1 мај и планираме да ги повлечеме сите американски трупи од земјата пред годишнината од 11 септември.“

Официјалното лице истакна дека американскиот претседател Бајден ќе ја објави оваа одлука денес.

Исто така истакна дека повлекувањето ќе се реализира во координација со НАТО.

На прашањето дали некои американски воени сили ќе останат во Авганистан, официјалниот претставник рече дека ќе останат само неопходните безбедносни сили за да се заштитат дипломатските објекти во земјата.

Според официјалните податоци, во Авганистан во моментов има 2.500 американски војници.

Поранешната администрација на американскиот претседател Доналд Трамп потпиша договор со талибанците во Доха, главниот град на Катар, на 29 февруари 2020 година и според тој договор, американските трупи ќе бидат повлечени од Авганистан целосно од 1 мај, освен ако талибанците не ги нападнат силите на САД.

Претставници на администрацијата на Бајден извесно време истакнуваа дека ќе биде тешко да се почитува датумот наведен во договорот, наведувајќи го како причина насилството во Авганистан.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın