свет

Страв и вознемиреност во Иран по петтиот смртен случај од вирусот „Ковид-19“

„Ситуацијата е навистина алармантна бидејќи првите 2 потврдени случаи на „Ковид-19“ починаа во ист град и сега се појавија 3 нови случаи“, изјави лекарката Газал Хусеини од градот Ком

Ali H. M. Abo Rezeg   | 21.02.2020
Страв и вознемиреност во Иран по петтиот смртен случај од вирусот „Ковид-19“

ТЕХЕРАН (АА) - Најмалку петте смртни случаи од коронавирусот „Ковид-19“ во Иран и 18 нови потврдени случаи предизвикаа страв и вознемиреност во земјата, пишува Агенција Анадолија (АА).

Денеска портпаролот на иранското Министерство за здравство, Киануш Џаханпур, ја потврди смртта на 4 лица од коронавирусот во северниот ирански град Ком, 150 километри јужно од главниот град Техеран.

Џаханпур, исто така, соопшти дека се потврдени и 18 нови случаи, 7 во градот Ком, 4 во главниот град Техеран и 2 во покраината Гилан.

Во средата, Министерството за здравство потврди 2 смртни случаи од коронавирус во Ком, епицентарот на коронавирусот во Иран.

Во Кина, главниот епицентар на вирусот, според последните податоци, бројот на починати се искачи на 2.236 лица, со вкупно 75.465 потврдени случаи со вирусот.

- „Голема здравствена криза“ -

„Ситуацијата е навистина алармантна бидејќи првите 2 потврдени случаи на „Ковид-19“ починаа во ист град и сега се појавија 3 нови случаи“, изјави лекарката Газал Хусеини од градот Ком.

Хусеини ја нарече епидемијата голема здравствена криза, што најверојатно ќе создаде паника во Иран.

„Властите требаше да бидат подготвени за тоа однапред, но сега нивна должност е да ги уверат и смират луѓето“, додаде таа.

По наводите за двата смртни случаи во средата, иранските власти во четвртокот веднаш наредија затворање на сите училишта и универзитети во градот Ком.

За потегот властите велат дека е преземен со цел спречување на ширењето на смртоносниот вирус и враќање на спокојот.

Видеа од возила на интервентната полиција на Автопатот Ком - Техеран се појавија на социјалните мрежи доцна во средата, при што некои корисници на социјалните мрежи шпекулираа дека властите го ставиле под карантин градот Ком за да спречат ширење на „Ковид-19“.

Но, полициски претставници за Агенција Анадолија изјавија дека распоредувањето на полицијата нема никаква поврзаност со планови за карантин.

Стравот и паниката јасно се видливи на лицата на граѓаните по двата смртни случаи од коронавирусот.

„Вестите за смртните случаи од коронавирусот во Иран ги шокираа сите. Денеска можев да видам помалку луѓе на инаку фреквентниот плоштад „Енгхелаб“, што покажува дека луѓето не излегуваат од домовите“, изјави за АА Амин Хашеми, чувар на дуќан во центарот на Техеран. 

- „Ќе му биде нанесена штета и на бизнисот“ -

Абид Хусеин, студент од Ком, за АА телефонски изјави дека луѓето се шокирани од објавата за двата смртни случаи во градот Ком.

„Веста за двата смртни случаи и за новите случаи создаде паника. Издадени се упатства да не се излегува надвор без маски и за ракувањето, што значи дека не можеме да одиме на универзитет или во џамија, па дури и да пазариме без страв“, рече тој.

Мухамед Назари, хотелиер од градот Ком, рече дека очекува здравствената криза да предизвика штета на бизнисот.

„Ком е познат по религиозниот туризам кој е единствениот извор на приход за трговците тука“, рече тој во телефонски разговор за АА. „Оваа вест може да ги обесхрабри туристите и аџиите да дојдат во градот сè додека не заврши кризата.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın