свет

Состанок на Шангајската организација за соработка во пресрет на самитот Г-20

Самитот на Шангајската организација се одржува во екот на американско-кинеската трговска војна, што ќе биде една од главните теми на дводневниот собир на највисоко ниво

Riyaz ul Khaliq   | 12.06.2019
Состанок на Шангајската организација за соработка во пресрет на самитот Г-20 Фото: АА/Архива

АНКАРА (АА) - Лидерите на земјите членки на Шангајската организација за соработка (SCO) утре ќе се соберат во главниот град на Киргистан, Бишкек, на 19. самит на оваа организација, која се смета за „азиски НАТО“, јавува Anadolu Agency (AA).

На самитот, меѓу останатите, ќе учествуваат кинескиот претседател, Си Ѓинпинг, неговиот руски колега, Владимир Путин, премиерот на Индија, Нарендра Моди, и премиерот на Пакистан, Имран Кан.

Самитот на Шангајската организација се одржува во екот на американско-кинеската трговска војна, што ќе биде една од главните теми на дводневниот собир на највисоко ниво.

Ќе има и можност за прва средба на лидерите на Индија и Пакистан, по февруарските ескалации на границата меѓу двете земји. Досега не е најавен нивен посебен состанок во рамките на самитот.

На самитот во улога на набљудувач ќе учествува и делегацијата на Иран, која со тоа ќе се обиде да ја придобие поддршката на азиските земји наспроти ригорозните американски санкции кон Техеран.

Уште една карактеристика на самитот во Бишкек е тоа што се одржува кратко пред самитот на лидерите на земјите Г-20, кој е закажан за 28 и 29 јуни во јапонскиот град Осака.

Меѓу големиот број најавени средби во рамки на самитот во Бишкек е и состанокот на челниците на Кина и Русија, Си и Путин.

Азиските партнери во Бишкек би можеле да заземат изедначени ставови по голем број прашања во пресрет на самитот Г-20 во Јапонија.

Шангајската организација за соработка (SCO) од 1996 година ги собира азиските земји Кина, Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан и Индија. Тие земји заедно сочинуваат 42 отсто од светската популација, 22 отсто од вкупната територија на светот и петтина од глобалниот бруто-производ (GDP).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.