свет

Светското население во 2055 година се очекува да достигне 10 милијарди

Ако кај демографските индикатори продолжи сегашниот тренд, населението на Турција во 2023 година ќе брои околу 87 милиони, а во 2040 се очекува да достигне до 100 милиони

Nazlı Yüzbaşıoğlu   | 10.07.2019
Светското население во 2055 година се очекува да достигне 10 милијарди

АНКАРА

НАЗЛИ ЈУЗБАШИОГЛУ 

Светската популација, која во моментот изнесува 7,71 милијарда, во 2055 година се очекува да порасне на 10 милијарди, а до крајот на векот до 11,2 милијарди, пишува Anadolu Agency.

Со усвојувањето на предлогот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) на Генералното собрание на ОН во 1989 година, 11 јули секоја година се слави како „Светски ден на населението“, со цел да се привлече внимание кон проблемите поврзани со населението во светот.

Оваа година поради 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ICPD), одржана во Египет 1994 година, темата на Светскиот ден на населението ќе биде „25 години од Меѓународната конференција за население и развој (ICPD): Забрзување на обврските“.

Според анализата на АА направена според податоците на Фондот за население на ОН (УНФПА) за моменталната состојба на светската популација, светското население пред 2000 години броело 300 милиони, а денес достигна до 7,71 милијарда.

Светското население во 1600 година изнесувало 600 милиони, во 1804 година 1 милијарда, во 1927 година 2 милијарди, во 1961 година 3 милијарди, а во 1971 година достигна до бројката од 4 милијарди. Брзиот пораст на населението продолжи, така што во 1987 година стигна до 5 милијарди, во 1999 година 6 милијарди, додека во 2011 година до 7 милијарди.

Брзиот раст особено е забележан по 1950 година, така што светското население се зголемува за 1 милијарда на секои 12 години. Моментално, во светот живеат 52 луѓе на квадратен километар. Просечната возраст на светското население изнесува 30 години.

Растот на населението најмногу е изразен во Азија, поради плодноста, и во Северна Америка, поради миграцијата.

Според податоците на Фондот за население на ОН (УНФПА), растот на светското население е поврзан со значителни демографски настани. Семејствата во земјите во развој имаат значително повеќе деца отколку семејствата во развиените земји. Поради високата стапка на наталитет, населението во овие земји во просек е многу младо.

Покрај тоа што во неразвиените африкански земји генерално наталитетот е многу висок, поради големиот број смртни случаи кај децата, значителен дел од населението умира пред 60-годишна возраст. Во развиените земји, населението на возраст од 85 до 90 години има значително учество во вкупното население.

Според една студија на Фондот за население при ОН, десетте земји каде што наталитетот најмногу се намалува се наоѓаат во Источна Европа. Меѓу тие земји Бугарија е на првото место, па следуваат Латвија и Молдавија.

- Најмногу население живее во Азија -

На азискиот континент живеат најголем број луѓе.

Денес, околу 60 отсто од светското население живее во Азија, 15 отсто во Африка, 10 отсто во Европа, 8 отсто во Латинска Америка и Карибите, а останатото во Северна Америка и Океанија.

Кина е најнаселена земја во светот со население од 1,42 милијарди, потоа следува Индија со население од 1,37 милијарди.

Кина учествува со 19 проценти во светското население, Индија со 18 проценти, а по четири години се очекува Индија да стане најнаселена земја во светот.

Монголија е земја со најниска густина на населеност. Таму околу 3 милиони луѓе живеат на површина од 1.564.116 квадратни километри.

Во Австралија и Океанија живее најмал дел од светската популација. Во овој регион живеат 0,55 проценти од светското население. Турција се наоѓа на 17. место во светот по бројот на популацијата.

Токио е најнаселениот град во светот со вкупно население од 38 милиони.

- Населението на Турција во 2023 година се очекува да достигне до 87 милиони -

Се проценува дека светската популација во 2055 година ќе достигне до 10 милијарди. Овој број до крајот на векот ќе изнесува 11,2 милијарди, а просечната возраст ќе се зголеми од 30 на 41,6 години.

Ако кај демографските индикатори продолжи сегашниот тренд, населението на Турција во 2023 година ќе брои околу 87 милиони, а во 2040 се очекува да достигне до 100 милиони. Според проценките, населението на Турција во 2067 година ќе достигне до 107,6 милиони луѓе.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın