свет

Речиси 3.500 Палестинци убиени за време на владеењето на Нетанјаху, со кого ОАЕ и Бахреин потпишаа помирување

Нетанјаху е познат по своите радикални десничарски ставови и важи за главен градител на нападите и притисоците што Израел ги врши врз Палестина

Mustafa Deveci   | 16.09.2020
Речиси 3.500 Палестинци убиени за време на владеењето на Нетанјаху, со кого ОАЕ и Бахреин потпишаа помирување

ЕРУСАЛИМ (АА) - МУСТАФА ДЕВЕЏИ -

Властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин потпишаа договор за нормализација на односите со израелската Влада на Бенјамин Нетанјаху, во чиј мандат израелските сили убија близу 3.500 и ранија илјадници Палестинци, вклучувајќи голем број деца и жени, пишува Агенција Анадолија (АА).

Нетанјаху е познат по своите радикални десничарски ставови и важи за главен градител на нападите и притисоците што Израел ги врши врз Палестина. Во периодот на неговото владеење, израелските сили извршија два големи крвави напада врз Појасот Газа, кој се наоѓа под блокада на израелската Војска.

Нетанјаху ја води Владата на Израел од 2009 година. Тоа е период исполнет со крвопролевања и кошмар за Палестинците.

Според податоците на израелската организација за заштита на човековите права „Бецелем“ (B'Tselem), во периодот на владеењето на Нетанјаху, израелските сили во подрачјето на Западниот Брег и блокираната Газа убиле близу 3.500 Палестинци. Меѓу убиените Палестинци, 799 се деца, а 342 жени.

- Нетанјаху нареди два големи напада на Газа -

Најголемата цена на владеењето на Нетанјаху во Израел го платија Палестинците блокирани во енклавата Газа.

Нетанјаху во 2012 година им издаде наредба на израелските сили за спроведување на операцијата „Столб од облаци“, а две години подоцна и за операцијата „Цврста карпа“.

Овие напади, во кои во голема мерка е уништена инфраструктурата на Газа, се сметаат за едни од најголемите израелски напади во регионот.

Во нападот „Столб од облаци“ израелските сили убија 167 Палестинци.

- Некои од најголемите крвопролевања во 2014 година -

Израелските сили на 8 јули 2014 година започнаа брутални напади на Газа, со одобрение на премиерот Нетанјаху.

Во извештајот на Обединетите нации се наведува дека израелската Војска во текот на 50-дневните напади на Газа извршила 6.000 воздушни и речиси 50.000 артилериски напади.

Во тие напади убиени се 2.251 Палестинец, од кои 551 дете и 299 жени. Ранети се над 11.000 лица, а повеќе од 1.500 палестински деца останаа без родители.

Палестинските власти во извештаите наведоа дека во тие израелски напади во потполност се уништени 3.329 објекти, а во голема мерка се оштетени 23.445 објекти. Без кров над главата останаа 65.000 Палестинци.

- Масакр пред очите на светската јавност -

По наредба на премиерот Нетанјаху, израелските сили во 2018 година извршија нов масакр во Газа.

Палестинците од Газа на 30 март 2018 година започнаа мирни протести под името „Голем марш на враќањето“, а израелските сили во текот на повеќемесечните протести интервенираа користејќи сила и оружје.

Палестинските протести се одржуваа со барање за ставање крај на израелската блокада на Газа и давање право да се вратат протераните Палестинци, но администрацијата на Нетанјаху не можеше да се воздржи од употреба на сила во текот на интервенциите.

Израелската Војска пукаше на палестинските демонстранти, а сето тоа го пренесуваа голем број медиумски куќи во живо од самото место.

Според податоците на организацијата за човекови права „Ел Мезан“ (El Mezan), во текот на тие напади израелската Војска убила најмалку 215 и ранила неколку илјади Палестинци.

Меѓу убиените се и 47 деца, две жени, четири здравствени работници, двајца новинари и 9 лица со инвалидитет.

- Израел ја интензивираше практиката на уривање палестински домови -

Паралелно со масакрите што ги правеа израелските сили, во периодот на владеењето на Нетанјаху Израел ги интензивираше и другите видови притисоци и обесправување на Палестинците.

Тоа особено се забележува во окупираниот Источен Ерусалим, во кој израелските власти на Палестинците не им дозволуваат да градат, а постоечките домови им ги рушат со булдожери под образложение дека го немаат потребното одобрение и дозвола.

Според податоците на организацијата „Бецелем“ (B’Tselem), израелските власти од почетокот на оваа година досега срушиле 30 палестински куќи во Источен Ерусалим и принудиле уште 59 палестински семејства да ги урнат сопствените домови. На тој начин без покрив над главата останаа 278 Палестинци, од кои 141 дете.

Како да не е доволно што им ги рушат домовите, израелските власти на тие семејства со принуда им ги наплаќаат и трошоците за рушење. Тие трошоци се сѐ поголеми и палестинските семејства сѐ почесто се решаваат самите да ги рушат сопствените домови за кои израелските власти издале налог за рушење.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.