свет

Режимот на Асад расели повеќе од 550 илјади цивили

Раселените цивили чекаат да прекинат бомбардирањата и да се вратат во своите домови

Burak Karacaoğlu,Eşref Musa   | 16.05.2019
Режимот на Асад расели повеќе од 550 илјади цивили

ИДЛИБ (АА) - Во Сирија, режимот на Башар ал Асад и терористичките групи поддржани од Иран и Русија, продолжија со нападите во регионот на Идлиб, кршејќи го Договорот за прекин на огнот потпишан на 17 септември 2017 година. Како резултат на тие напади, бројката на цивили кои биле принудени да мигрираат од регионот, достигна до 533.444, јавува Anadolu Agency (AA).

Раселените цивили чекаат да прекинат бомбардирањата и да се вратат во своите домови.

Војниците на режимот на Асад и терористичките групи поддржани од Иран и Русија, започнувајќи од 25 април, продолжуваат со интензивните напади врз провинциите Идлиб и Хана.

Голем дел од цивилите кои избегаа од тие интензивни напади се сместија во камповите во областите Атме, Ках, Дејр Хасан и Кефер Лусин кои се наоѓаат на сириската територија, спроти областа Рејханли во градот Хатај.

Еден дел од цивилите пак, во рамките на Договорот од Астана, се сместија во околината на зоната за намалување на тензиите во Идлиб, во западниот дел на Алепо и во областите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“, кои Турција ги ослободи од терористите.

Мухамед Халак, директор на Агенцијата за интервенција на Сирија, во изјавата за АА рече: „Режимот на Асад и неговите поддржувачи, со интензивните бомбардирања од копно и воздух во зоната за намалување на тензиите во Идлиб, од 17 септември 2018 година присилно раселија 553.444 цивили.“

Халак истакна дека режимските сили извршиле копнени и воздушни напади врз најмалку 97 цивилни населби во областите Идлиб, Хама и Алепо.

„Како резултат на проширувањето на нападите, зголемена е миграцијата“, рече Халак, и додаде дека цивилите јужно, југоисточно и западно од Идлиб и од западниот и северниот дел на Хама биле приморани да ги напуштат своите домови.

Ахмед Кадур, кој се наоѓа во еден од камповите близу границата со Турција, рече дека избегал од селото Хасена, кое се наоѓа јужно од Идлиб.

Кадур истакна дека 10 дена живеел под дрвја.

„Децата и постарите лица се гладни. Каде се здруженијата кои доделуваат помош? Земјите гаранти нека нѐ вратат во нашите домови. Нека ги исчистат нашите села. Веднаш ќе се вратиме назад. Постојано бевме бомбардирани од копно и од воздух“, истакна Кадур.

И Ебу Абдо, исто така, морал да мигрира бидејќи неговиот дом бил уништен од нападите.

„Излеговме од урнатините и засолниште побаравме под дрвјата. Режимот на Асад сака повторно да нѐ врати под негов протекторат. Не е можно. Нема да се вратиме. Ние не сме терористи. Нѐ смета за терористи и нѐ бомбардира. Не можам да му речам ’Добре дојде‘, на оној што сака да ја узурпира мојата куќа. Секако дека ќе се одбраниме. Луѓето што се тука, 15 дена не облекоа чиста облека. Нашите домови се уништени и ограбени. Луѓето живеат под дрвја. Нема вода за пиење. И да има, нема шишиња што би можеле да ги наполниме“, нагласи Ебу Абдо.

- Последната состојба во зоната за намалување на тензиите во Идлиб 

Областа Идлиб, во северозападниот дел на Сирија, е упориштето на опозицијата речиси од почетокот на граѓанската војна.

Во моментов, со внатрешна миграција населението во Идлиб стигна до околу 4 милиони. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е регион кој е најмногу бомбардиран од страна на режимот.

Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана (сегашен Нурсултан) на 4-5 мај 2017 година, Идлиб и околината ги прогласија за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.

Режимот, со помош на поддржувачите, и покрај Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година, продолжува со нападите. Нападите се интезивираа за време на 12. состанок меѓу Турција, Русија и Иран, одржан на 25-26 април во Нурсултан. Последните две недели продолжуваат со ист интензитет.

Изворите од Цивилната одбрана („Бели шлемови“) соопштуваат дека од 25 април досега најмалку 142 цивили ги загубија своите животи и дека повеќе од 385 цивили се повредени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın