свет

Рамазан во Ерусалим: На петочната молитва во „Ал Акса“ присуствуваа 200.000 верници

На подрачјето во околината на „Ал Акса“ во состојба на готовност беа стотици израелски полицајци

Esat Fırat   | 17.05.2019
Рамазан во Ерусалим: На петочната молитва во „Ал Акса“ присуствуваа 200.000 верници

ЕРУСАЛИМ (АА) - Околу 200.000 Палестинци клањаа петочна молитва (џума-намаз), во комплексот „Ал Акса“ во Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).

Источен Ерусалим е град во којшто се наоѓа џамијата „Ал Акса“, која е првата кибла, кон која муслиманите се насочувале при молитва.

Покрај тоа, во овој град се наоѓаат и најважните свети места за христијаните и за Евреите.

И покрај сите потешкотии и препреки на Израелците да ги спречат Палестинците да доаѓаат во „Ал Акса“, тие во утринските часови преминуваа преку различни воени точки помеѓу Западниот Брег и Ерусалим. Забележан е голем застој на израелската точка на „ѕидот на раздвојување“.

Израелската полиција го блокираше сообраќајот на улиците во близина на Стариот град во Источен Ерусалим. 

По повеќечасовно патување, Палестинците пристигнаа во „Ал Акса“, која денес, втор петок по ред во месецот Рамазан, беше исполнета со верници.

Според податоците на Канцеларијата на исламски вакуфи во Ерусалим, џума-намаз клањале околу 200.000 Палестинци. Имамот на џамијата „Ал Акса“, шејх Јусуф Абу Суинејне, го повика исламскиот свет на единство.

Имамот на „Ал Акса“, шејхот Исмаил Навахде, во хутбата, обраќањето кон верниците, го повика арапско-исламскиот свет за заштита на „Ал Акса“ и Ерусалим.

Тој укажа и на важноста од нивното доаѓање во „Ал Акса“.

По петочната молитва дојде до стампедо на влезовите на „Ал Акса“, а на дел од верниците им се слоши поради големата турканица и високите температури.

На подрачјето во околината на „Ал Акса“ во состојба на готовност беа стотици израелски полицајци.

Израелските власти од 2000 година започнаа со изградба на ѕидот на раздвојување на границата меѓу Источен Ерусалим и Западниот Брег, а тој проект го правдаа со безбедносната потреба за спречување на евентуални напади врз израелските населби.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın