свет

Продолжуваат мировните преговори меѓу САД и Талибанците во Доха

Шпекулациите околу воспоставувањето привремена Влада во Кабул ги засенија првите два дена од преговорите, кои започнаа во петокот...

Ekip   | 25.08.2019
Продолжуваат мировните преговори меѓу САД и Талибанците во Доха

КАБУЛ (АА) - Значајниот деветти круг на обновените, но сè уште деликатни, мировни преговори меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Талибанците, ќе продолжи денес во главниот катарски град Доха, јавува Anadolu Agency (AA).

Шпекулациите околу воспоставувањето привремена Влада во Кабул ги засенија првите два дена од преговорите, кои започнаа во петокот со широк спектар на медиуми што известуваат за наводно постигнат договор меѓу двете страни. Сепак, највисокиот мировен преговарач на САД синоќа ги негираше таквите наводи.

Како што претходно нагласи портпаролот на Талибанците, тие не разговарале во врска со воспоставувањето привремена Влада. „Одлуките поврзани со владеењето треба да ги донесат Авганистанците во рамките на внатрешните авганистански преговори“, напиша на социјалната мрежа Твитер, Залмај Кализад, специјалниот американски претставник за помирување во Авганистан.

Пред тоа, портпаролот на Талибанците, Сухаил Шахен, исто така ги отфрли ваквите наводи.

Ова се случи неколку недели пред предложените претседателски избори во Авганистан на кои се спротивставуваат талибанските бунтовници.

Во меѓувреме, високиот американски дипломат во Кабул, амбасадорот Џон Бас, истакна дека мирот во Авганистан останува најголем приоритет.

За време на неговата посета на покраината Балх, вчера изјави дека изборите треба да бидат одржани во своето закажано време доколку има пречка во текот на мировниот процес.

„И мировниот процес и изборите се важни за САД. Мирот е наш најголем приоритет бидејќи исто така е најголем приоритет и за авганистанскиот народ. Секој ден Авганистанците ни велат дека мирот е нивен најголем приоритет“, изјави Бас. „Ние напорно работиме за да создадеме можност Авганистанците да седнат заедно, да преговараат и да работат на нивните разлики и да се обидат да постигнат траен мировен договор кој ќе биде прифатен од најголемиот дел од популацијата во оваа земја, истовремено и применлив“.

За предложеното повлекување на трупите, амбасадорот Бас изјави дека доколку Талибанците сакаат меѓународните сили да заминат, тогаш тие ќе треба да обезбедат да нема идни терористички закани против САД, против сојузниците и партнерите од Авганистан.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.