свет

Претседателката на Европската комисија: „Од наш заеднички интерес е деескалацијата во Источниот Медитеран“

„Одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија беше навистина историска“

Ekipa   | 16.09.2020
Претседателката на Европската комисија: „Од наш заеднички интерес е деескалацијата во Источниот Медитеран“ Фото: Dursun Aydemir/AA

БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес го пофали враќањето на турскиот истражувачки брод во пристаништето, нагласувајќи дека тоа ќе помогне во намалувањето на тензиите во Источниот Медитеран, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Од наш заеднички интерес е деескалацијата [на ситуацијата] во Источниот Медитеран“, истакна Фон дер Лајен во својот годишен говор за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент во Брисел, нарекувајќи го враќањето на бродот „Оруч Реис“ како позитивен чекор во оваа насока.

„Враќањето на бродот беше потребно за креирање на многупотребниот простор за дијалог“, додаде Фон дер Лајен, изразувајќи солидарност со Грција и администрацијата на кипарските Грци во Јужен Кипар и заложувајќи се за заштита на „нивните легитимни права на суверенитет“.

Турција вчера го врати во пристаништето „Оруч Реис“, бродот за истражување на енергетски ресурси, поради неговото стандардно одржување и снабдување.

Грција, Јужен Кипар и други членки на ЕУ се обидоа да го блокираат истражувањето на енергетските ресурси на Турција во Источниот Медитеран, велејќи дека истражувањето го врши во грчки води, користејќи го максималистичкото поимање на поморската територија на Атина базирана на малите острови во близина на турскиот брег.

Турција, инаку земја со најдолго крајбрежје на Медитеранот, нагласува дека ова гледиште не е правно и нема никаква смисла, и повика на преговори без предуслови за правична поделба на ресурсите во регионот.

„Турција е, и секогаш ќе биде важен сосед“, рече Фон дер Лајен, признавајќи го гостопримството на Турција како домаќин на милиони сириски бегалци и соочувањето со многу предизвици во регионот.

- Надворешната политика на ЕУ -

Претседателката на Европската комисија се осврна и на развојот на настаните во Белорусија и протестите поради спорните претседателски избори минатиот месец, наведувајќи дека луѓето во земјата треба да бидат слободни да одлучуваат за својата иднина, со сугерирање дека Русија не треба да се меша.

Осврнувајќи се на труењето на лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални, зборуваше за моделот на Москва за користење на хемиски агенси против своите непријатели.

„Ниеден гасовод нема да го промени тоа“, рече германската политичарка, испраќајќи порака до нејзината влада предводена од канцеларката Ангела Меркел, која е критикувана за купувањето руски гас и за продолжувањето со проектот за гасоводот „Северен тек“.

Без да го спомене американскиот претседател Доналд Трамп, Фон дер Лајен исто така упати критики и до „големите сили“ за кои рече дека или се повлекуваат од мултилатералните институции или пак, ги земаат како „заложници за нивните сопствени интереси“.

Поради тоа таа предложи ЕУ да преземе водство во реформите на мултилатералните институции, со посебен фокус на Светската трговска организација (СТО) и Светската здравствена организација (СЗО).

Во исто време таа најави дека ЕУ ќе биде заеднички домаќин на светскиот здравствен самит за состојбата со Ковид-19 заедно со Италија, која ќе го преземе претседателството со Г-20 следната година.

Урсула Фон дер Лајен се осврна и на плановите за реформа на процесот на донесување одлуки во надворешната политика на Европската Унија, со тоа што ќе се дозволи министрите за надворешни работи да гласаат за санкциите поврзани со кршењето на човековите права со квалифицирано мнозинство, наместо вето на една земја.

- Брегзит -

Во врска со застојот во преговорите за Брегзит, Фон дер Лајен се осврна на контроверзниот план на британскиот премиер, Борис Џонсон, за донесување закон со кој се крши меѓународното право.

Таа ги цитираше зборовите на покојната Маргарет Тачер - познатата британска премиерка од Конзервативната партија, која рече: „Велика Британија не прекршува договори.“

Претседателката на ЕК призна дека преговорите за идните односи меѓу Блокот и неговата поранешна земја членка биле тешки и предупреди дека шансите за навремен договор исчезнуваат со секојдневното одложување.

- „Одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија беше навистина историска“ -

Искажувајќи дека довербата е основа на секое силно партнерство, Фон дер Лајен рече дека Европа секогаш ќе биде подготвена да гради силни партнерства со најблиските соседи, и дека тоа го започнува со Западен Балкан.

„Одлуката пред шест месеци за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија беше навистина историска“, нагласи таа во обраќањето.

Рече дека иднината на целиот регион лежи во ЕУ и додаде дека со Западен Балкан се дели истата историја и истата судбина.

„Западен Балкан е дел од Европа, а не само попатна станица на Патот на свилата.“

Претседателката на ЕК најави наскоро претставување на пакет за економско закрепнување за Западен Балкан, фокусиран на неколку регионални инвестициски иницијативи.

- Европската економија -

Бидејќи ЕУ доживеа пад на БДП од 12 отсто во вториот квартал на 2020 година, Фон дер Лајен ги повика Европскиот парламент и земјите членки што е можно поскоро да го усвојат идниот седумгодишен буџет на Блокот, а со тоа и Фондот за закрепнување што доаѓа со него.

Таа предложи подигнување на целта на Блокот за намалување на емисиите на 55 отсто до 2030 година, со цел да се постигне климатска неутралност до 2050 година.

Фон дер Лајен исто така најави дека Европската комисија наскоро ќе објави нова стратегија за индустријата, реформи за Шенген-зоната, како и рамка за минималната европска плата.

Врз основа на лекциите научени за време на здравствената криза поради коронавирусот, Фон дер Лајен предложи ЕУ да може да ги преземе здравствените надлежности од земјите членки.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.