свет

Повеќе од седум децении Палестинците копнеат по своите домови

Палестинците го користат терминот „Накба“ или „Катастрофа“ на арапски, кој се однесува на прогонот во 1948 година од страна на ционистичките банди

Ali H. M.Abo Rezeg   | 15.05.2019
Повеќе од седум децении Палестинците копнеат по своите домови

АНКАРА (АА) - Повеќе од седум децении поминаа од прогонот на Палестинците од историска Палестина во 1948 година, а тие сè уште продолжуваат да го бараат своето право за враќање, јавува Аnadolu Agency (AA).

Пред 71 година, стотици илјади Палестинци биле принудени да ги напуштат своите села и градови во Палестина и да заминат во соседните земји Јордан, Либан и Сирија.

Друг дел од Палестинците се нашле раселени во Појасот Газа и Западниот Брег поради зголемените напади од страна на ционистичките банди кои сакале да го отворат патот кон создавање на државата Израел.

На 9 април, 1948 година, повеќе од 250 Палестинци беа убиени од страна на ционистичките банди, кои извршија смртоносен напад врз палестинското село Деир Јасин.

Палестинците го користат терминот „Накба“ или „Катастрофа“ на арапски, кој се однесува на прогонот во 1948 година од страна на ционистичките банди.

Палестинско-израелскиот конфликт датира од 1917 година, кога британската Влада, во сега познатата Балфорова декларација, повика на воспоставување национален дом на еврејскиот народ во Палестина.

Според Агенцијата за бегалци на ОН (UNRWA), повеќе од 1,5 милиони Палестинци - речиси третина од нив веќе регистрирани палестински бегалци - се наоѓаат во 58 признаени бегалски кампови во Либан, Јордан, Сирија, Појасот Газа и Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим (Кудс).

И покрај долгодецениското страдање, сепак Палестинците сè уште продолжуваат да го афирмираат нивното право за враќање во нивните домови и села во Палестина, создавајќи начини како да се реализира сето тоа.

Последниот начин за задржување на нивното право за враќање беше организирањето на неделните протести по должината на тампон-зоната на Појасот Газа.

Во текот на 54-те недели од протестите, кои започнаа во март минатата година, речиси 270 демонстранти загинаа, а илјадници се повредени од страна на израелските трупи распоредени во близина на тампон-зоната.

„Правото на враќање е суштината на палестинската кауза“, изјави денес за АА, Ахмед Абу Рутеима, организатор на Големиот марш за враќање.

„Палестинските бегалци сè уште веруваат во ова право“, изјави тој. „Младите генерации ги наследуваат клучевите од домовите на нивните дедовци, како начин да се задржи и живее ова право во нивните умови.“

- Некомпромисно право -

Абу Рутеима изјави дека идејата за Големиот марш за враќање е создадена за да се бара враќање на историска Палестина.

„Протестите во текот на изминатата година нагласија дека правото за враќање претставува вистинско и цврсто право од кое не може да се откажеме“, изјави тој.

Хасан ал Хабел, младо момче од Газа кое штотуку пристигнало во Турција да продолжи со своите студии, за АА го сподели своето едногодишно искуство во учеството на Големиот марш за враќање.

„Како млад Палестинец кој живеел во Втората интифада и бил сведок на три израелски војни започнати околу Газа, Големиот марш за враќање претставува најкритична фаза во мојот живот“, изјави Хабел.

„Во протестите учествуваа сите членови на моето семејство, вклучувајќи ги и моите родители“, додаде тој.

Хабел рече дека овој начин на борба ја оживеал свеста на луѓето во врска со нивното право за враќање.

„Бевме сведоци како постари лица, деца, жени и млади се собираат кај безбедносната ограда“, изјави Хабел и додаде:

„Сето тоа беше во врска со надежта која Големиот марш за враќање ја создаде.“

„Големиот марш за враќање ги запре сите тврдења дека новата генерација Палестинци ќе заборави на ова право еден ден“, изјави Ал Хабел.

Ал Хабел верува дека учеството на голем број млади Палестинци во протестите значи дека тие на правото за враќање гледаат како на свето прашање кое не треба да биде заборавено и од кое не треба да се откажат.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.