свет

Османи во Грција: „Нашата намера е долгорочно пријателство меѓу двете земји"

Фокус на разговорот меѓу двајцата колеги беше воспоставување на рамката за следните активности што им претстојат на двете држави согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на Договорот од Преспа

Husamedin Gina   | 14.01.2021
Османи во Грција: „Нашата намера е долгорочно пријателство меѓу двете земји" ( Фото: Министерство за надворешни работи на РСМ )

СКОПЈЕ

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека Северна Македонија сака да го надмине прагот на добрососедство со Грција и да постави основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во рамки на првата официјална посета на Грција, по преземањето на функцијата, оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи, Николаос Дендиас.

Фокус на разговорот меѓу двајцата колеги, според соопштението од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, беше воспоставување на рамката за следните активности што им претстојат на двете држави согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство (познат како Договорот од Преспа).

„Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата“, истакна Османи.

Истакнувајќи дека европските интеграции и сојузништвото во НАТО беа една од темите на разговор, Османи нагласи: „Како непосреден сосед кој е воедно и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Северна Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји.“

Според соопштението од МНР за време на официјалната посета на Османи на Грција, се потпишаа три меморандуми за разбирање меѓу двете држави за соработка во областа на инвестициите и надворешна трговија меѓу претпријатијата „Грција СА“ и „Инвест Северна Македонија“, за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во едукацијата на дипломатите и за соработка во областа на цивилната заштита.

На агендата на министерот, во рамките на официјалната посета на Грција, ќе бидат и средбите со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирјакос Мицотакис и алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın