свет

Најсмртоносните несреќи во Европа во последните 10 години

Агенција Анадолија ги селектира последните тешки сообраќајни несреќи на европскиот континент и случувањата поврзани со нив

Dzihat Aliju, Furkan Abdula  | 25.11.2021 - Обновена : 26.11.2021
Најсмртоносните несреќи во Европа во последните 10 години Фото: АА/Архива

СКОПЈЕ (АА) – ЏИХАД АЛИУ / ФУРКАН АБДУЛА -

Несреќата во која загинаа 46 лица кога патнички автобус со регистерски таблички од Северна Македонија удри во бариерите на Автопатот „Струма“, западно од бугарската престолнина Софија на 23 ноември, потсети на други фатални несреќи кои се случија во Европа.

Агенција Анадолија ги селектира последните тешки сообраќајни несреќи на европскиот континент и случувањата поврзани со нив.

Според Европскиот регионален извештај за безбедноста на патиштата на Светската здравствена организација (СЗО) за 2019 година, 80.559 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи во регионот на Европа во 2016 година. Се претпоставува дека тоа претставува 6 отсто од смртните случаи во глобалните сообраќајни несреќи.

Во извештајот се наведува дека регионот на Европа има најниска стапка на смртност во сообраќајни несреќи со 8,8 жртви на 100.000 жители, додека глобалната стапка е зголемена на 18,2.

Според извештајот на СЗО, стапките на смртност во сообраќајните несреќи во Бугарија, каде што се случи несреќата, се над стапката за регионот на Европа, додека оваа стапка во Северна Македонија е под стапката регистрирана во регионот.

Иако земјите применуваат строги правила за спречување сообраќајни несреќи, се гледа дека во практика овие правила често се прекршуваат.

Се наведува дека причините за појавата на несреќите најчесто се човечка грешка, сѐ до технички проблеми.

Иако е задолжително носење појаси при патувања во ЕУ од 2006 година, се забележува дека појасот обезбедил мала заштита во автобуската несреќа во Швајцарија во 2012 година, која резултира со смрт на 28 лица, меѓу кои 22 деца.

Друг проблем е што автобуските компании користат еден возач за неколкудневни автобуски тури. Тоа предизвикува замор, што е една од најголемите причини за сообраќајни несреќи.

Некои од несреќите што се случија во европските земји во периодот од 2011 до 2021 година со висок број на загинати се следните:

- Март 2012 година

Автобус со белгиски студенти кои се враќале од зимски одмор, скијање во Швајцарија, доживеа сообраќајна несреќа во местото Сиер. Во несреќата загинаа вкупно 28 лица, меѓу кои 22 деца. Во автобусот со кој патувале 52 лица, несреќата со повреди ја преживеаја 24 лица.

- Октомври 2015 година

Во сообраќајната несреќа меѓу автобус и камион што се случи во местото Либурн, во близина на францускиот град Бордо, животот го загубија 43 лица.

- Јануари 2017 година

Патнички автобус со унгарски младинци кој од Франција се движел кон унгарската престолнина Будимпешта, се запалил откако удрил во столб од мост кој се наоѓа на источниот излез на градот Верона во северна Италија. Во несреќата на автобусот во кој се наоѓале 55 лица, главно на возраст од 14 до 18 години, животот го загубија 16 лица кои се заглавиле во автобусот, а 10 лица беа тешко повредени.

- Јули 2017 година

Најмалку 18 лица изгореа, а 30 лица беа повредени, од кои повеќето потешко, во сообраќајната несреќа што се случи како последица на судир на патнички автобус со камион во областа Горна Франконија во германската покраина Баварија.

- Октомври 2017 година

Возот од Санкт Петербург кој се движел кон Нижни Новгород во Русија, удрил во автобус со казахстански таблички. Во несреќата животот го загубија 16 лица, од кои едно дете, а 5 лица беа повредени.

- Август 2018 година

Во Бугарија 16 лица загинаа, а 27 се повредени во несреќата на автобус кој сообраќал на релацијата Софија - Своге. Во автобусот се наоѓале возачот и 33 патници.

- Февруари 2019 година

Шеснаесет лица го загубија животот, а околу 30 беа повредени во сообраќајна несреќа во која патнички автобус излета од патот и се преврте на Автопатот „Скопје - Тетово“.

- Март 2019 година

Во несреќата што се случи како последица на превртување на автобус на островот Мадеира, еден од туристичките центри на Португалија, животот го загубија 29 од 50 лица во автобусот. Повредени се 20-ина туристи, главно германски државјани.

- Декември 2019 година

Во Русија, во областа Трансбајкал во јужен Сибир, автобус со 41 патник падна во реката Куенга, при што загинаа 19 лица. Во несреќата повредени се 22 работници.​​​​​​​

- Ноември 2021 година

Патнички автобус со регистерски таблички од Северна Македонија удри во бариерите на Автопатот „Струма“ во западниот дел на Софија, главниот град на Бугарија. Настана пожар во кој животот го загубија 46 лица, а 7 лица се повредени.


​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.