Лидерката на Тајван ја повика Кина, која спроведува воени вежби околу островот, да биде воздржана
Во обраќање до јавноста, Цаи рече дека кинеското лансирање ракети во областите околу Тајван каде што се наоѓаат меѓународни воздушни и поморски коридори е „неодговорен чин“ и дека ги „зголемува воените закани во регионот“

ПЕКИНГ (АА) - Лидерката на Тајван, Цаи Инг-Вен, излезе со реакција на воената вежба што Пекинг ја започна околу островот по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќање до јавноста, Цаи рече дека кинеското лансирање ракети во областите околу Тајван каде што се наоѓаат меѓународни воздушни и поморски коридори е „неодговорен чин“ и дека ги „зголемува воените закани во регионот“.
„[Потезите на Кина] Го поткопуваат статус квото во Тајванскиот Теснец и го нарушуваат нашиот суверенитет“, рече лидерката на Тајван.
Цаи истакна дека Тајван, соочен со заканите на Кина, нема да ги ескалира тензиите, туку ќе го брани својот суверенитет. Цаи го повика Пекинг да „дејствува со разум и воздржаност“.
Наведувајќи дека Владата ќе ги преземе неопходните мерки за непречено функционирање на активностите на пристаништата и аеродромите и стабилно функционирање на финансиските пазари, Цаи истакна дека Тајванската армија го зголемила и нивото на будност во областите каде што се реализираат вежбите.
- Повик до меѓународната заедница -
Нагласувајќи дека Тајван ќе продолжи со земјите од регионот и неговите демократски партнери во светот да работи за зачувување на мирот во Индопацифичкиот Регион, Цаи рече: „Ја повикуваме меѓународната заедница да ја поддржи демократијата на Тајван и да се спротивстави на едностраните и ирационалните воени акции на Кина.“
Тајванската лидерка им се заблагодари на земјите од Г7, кои со заедничка изјава ги критикуваа активностите на Кина и „за нивната поддршка за мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец“.
Министерство за одбрана на Тајван соопшти дека ракетите лансирани од Кина за време на воените вежби вчера паднале во области кои ги сметаат за „територијални води“.
Министерството за одбрана на Кина соопшти дека по посетата на Пелоси ќе одржи „низа воени вежби“ околу островот.
Соопштено е дека ќе се одржат заеднички вежби со учество на морски и воздухопловни сили на север, југозапад и југоисток од островот.
Вежбите, кои се очекува да траат до 7 август, создадоа де факто блокада околу островот, кој има конфликт за суверенитетот со Кина.
Меѓу другото, поради воените вежби некои региони се затворени за сообраќај на бродови и авиони.