свет

Лавров: „Обемот на хуманитарна помош за Газа очигледно недоволен“

„Денешната ситуација покажува колку катастрофално може да биде да се оди по пат кој го игнорира меѓународното право. Веќе гледаме катастрофални хуманитарни последици во Појасот Газа.“

Burç Eruygur  | 21.11.2023 - Обновена : 22.11.2023
Лавров: „Обемот на хуманитарна помош за Газа очигледно недоволен“

ИСТАНБУЛ (АА) - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изјави дека обемот на хуманитарна помош обезбедена за Појасот Газа во услови на тековниот конфликт во регионот е „очигледно недоволен“, јавува Анадолу.

„Денешната ситуација покажува колку катастрофално може да биде да се оди по пат кој го игнорира меѓународното право. Веќе гледаме катастрофални хуманитарни последици во Појасот Газа. Обемот на пристигната хуманитарна помош е очигледно недоволен, а агенциите вклучени во хуманитарната помош во рамките на ОН алармираат“, рече Лавров за време на состанокот со неколку негови колеги од земјите од Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИС) во Москва.

Лавров ја повтори руската осуда на тероризмот „во сите негови манифестации“, но исто така ја нагласи неопходноста од борба против тероризмот користејќи методи кои не земаат „облик на колективна казна“ и кои „грубо ги кршат нормите на меѓународното хуманитарно право“.

Рускиот министер за надворешни работи повика на повторно започнување на мировниот процес „на меѓународно призната основа што беше одобрена во рамките на ОН и Арапската мировна иницијатива од 2002 година“.

Лавров рече и дека регионалните земји треба да бидат претставени во механизмот за решавање на палестинско-израелскиот конфликт, додавајќи дека Русија ги дели оценките на Арапската лига и земјите од ОИС за потребата од прекин на огнот во Појасот Газа.

„Запирање на непријателствата, решавање на хуманитарните прашања и ослободување на заложниците е нивниот приоритет во моментов“, додаде тој.

На состанокот во Москва присуствуваат и министрите за надворешни работи на Палестина, Саудиска Арабија, Египет, Индонезија и Јордан, како и генералниот секретар на ОИС, Хисеин Брахим Таха.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.