свет

Каламард: „Особено е опасно што САД не го ставија Мухамед бин Селман на листата на санкции“

Специјалната известувачка на Обединетите нации, Каламард, порача дека објавениот извештај е важен показател во поглед на транспарентноста на САД, но дека е загрижувачки ставот на таа земја во поглед на улогата на Селман во убиството на Кашоги

Bayram Altuğ   | 02.03.2021
Каламард: „Особено е опасно што САД не го ставија Мухамед бин Селман на листата на санкции“

ЖЕНЕВА

Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН), Агнес Каламард, го оцени како особено опасно и проблематично тоа што името на саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман не се нашло на листата на санкции на Соединетите Американски Држави (САД) и покрај тоа што во извештајот на американската разузнавачка служба се наведува дека Селман го одобрил убиството на Џамал Кашоги, јавува Агенција Анадолија (АА).

Каламард, која во име на ОН го истражува убиството на новинарот Џамал Кашоги, одржа прес-конференција во Женева.

Таа порача дека објавениот извештај е важен показател во поглед на транспарентноста на САД, но дека е загрижувачки ставот на таа земја во поглед на улогата на Селман во убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“.

„Американската Влада може да направи многу, но не може да молчи и да не преземе мерки во однос на она што е утврдено (во врска со убиството)“, порача Каламард.

Таа нагласи дека тоа што Мухамед бин Селман не се наоѓа на листата на санкции на САД, и покрај наодите од извештајот, е особено опасно и проблематично.

Во извештајот што го составија Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Националната разузнавачка управа (DNI) и другите разузнавачки организации, донесен е заклучок дека Селман го одобрил убиството на Кашоги во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, во октомври 2018 година.

„Оваа проценка ја засноваме на надзорот на престолонаследникот над донесувањето на одлуките во Кралството и неговата поддршка за користење насилни мерки за замолчување на неистомислениците во странство, вклучувајќи го и Кашоги“, се вели во извештајот.

Новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, е убиен во комплексот на Саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018 година. Кашоги тој ден влегол во Конзулатот на закажан термин поради вадење на потребните лични документи за да може да се венча.

По повеќедневното негирање, властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а дополнително судот на Саудиска Арабија им изрече смртна казна на пет обвинети. Уште тројца обвинети добија затворска казна во вкупно траење од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Селман се ослободени од сите обвинувања.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın