свет

Израел намерно ги нападна цивилните области во Газа

Израелската организација за човекови права, Бецелем (B'Tselem), соопшти дека израелската Армија во месец мај намерно ги нападнала цивилните области во Појасот Газа, кој се наоѓа под блокада

Esat Fırat   | 12.06.2019
Израел намерно ги нападна цивилните области во Газа

ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската организација за човекови права, Бецелем (B'Tselem), соопшти дека израелската Армија во месец мај намерно ги нападнала цивилните области во Појасот Газа, кој се наоѓа под блокада, при што животот го загубиле вкупно 25 Палестинци, од кои 13 цивили, меѓу кои се наоѓале 3 жени и 2 деца, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во извештајот се истакнува дека бомбашките напади врз цивилите се случиле меѓу 3-6 мај. 

„Убиството на овие луѓе беше предвидлив исход на израелската политика насочена кон живеалиштата на цивилите, прекршувајќи го меѓународното право и морал во Појасот Газа“, се нагласува во извештајот. 

Исто така, во извештајот се наведува дека Израел за време на нападите погодил повеќе од 350 цели, и при тоа се убиени 13 цивили, меѓу кои 3 жени и 2 деца, а повредени се 153 лица. 

„Како и во претходните воени операции, Израел и овој пат намерно ги бомбардираше станбените и канцелариските згради“, се вели во соопштението. 

Во извештајот се нагласува дека Израел сериозно не ги предупредил цивилите кои живееле во тие куќи и дека при нападите целосно се уништени 52 куќи, без покрив над главата останале 52 семејства, кои се состоеле од 327 лица, од кои 65 деца. Седумстотини цивилни живеалишта пак, не се во употреблива состојба. 

Во извештајот на Бецелем, исто така, се наведува дека израелските воени напади се изведени без притоа да се направи некоја селекција. 

„Ниту еден од војниците што учествуваа во нападот нема да биде одговорен. Бидејќи за Армијата, војниците не направиле ништо друго освен што ги извршиле наредбите“, се истакнува во извештајот. 

Во нападите на Израел врз Појасот Газа на 4-5 мај, животот го загубија 25 лица, меѓу кои три жени, од кои две бремени, и две деца, а повредени беа 150 Палестинци. 

Како резултат на исфрлените ракети од Газа кон Израел од страна на палестинските групи на отпорот, загинаа четворица Израелци, од кои еден со палестинско потекло.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın