свет

Израел: Лидерот на опозицијата побара мандат за формирање влада

Премиерот Бенјамин Нетанјаху не успеа да обезбеди доволен број гласови од Парламентот за формирање влада по истекот на неговите 28 дена за извршување на задачата.

Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout   | 05.05.2021
Израел: Лидерот на опозицијата побара мандат за формирање влада

КУДС (АА) - Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид денеска побара од израелскиот претседател Ревен Ривлин да му ја додели задачата да формира нова влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Кабинетот на Ривлин потврди дека добил барање од Лапид, лидерот на партијата на левиот центар „Има иднина“ (Јеш Атид), да му се даде шанса да формира коалициска влада откако двајцата остварија средба рано утринава во Кабинетот на Ривлин во Западен Кудс (Западен Ерусалим).

Израелскиот претседател се очекува да се сретне и со шефот на десничарската Партија Јамина, Нафтали Бенет, во обид да се формира влада врз основа на ротација на функцијата премиер помеѓу Лапид и Бенет.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху не успеа да обезбеди доволен број гласови од Парламентот за формирање влада по истекот на неговите 28 дена за извршување на задачата.

За формирање влада потребна е поддршка од најмалку 61 од 120-те членови на Кнесетот (израелскиот Парламент), нешто што Нетанјаху не успеа да го оствари.

Според израелскиот закон, во случај второто лице задолжено за формирање на Владата да не успее, израелскиот претседател ќе ја предаде обврската на Кнесетот, кој мора да даде формална препорака за заменик со поддршка од најмалку 61 пратеник или да свика нови избори.

На 23 март Израел ги одржа своите четврти избори во период од две години. Нетанјаху и партиите кои најавија дека ќе го поддржат останаа со 52 пратеници, додека ривалскиот блок против Нетанјаху имаше 57 пратеници.

Можно е земјата наскоро да оди на петти избори доколку продолжи политичкиот ќор-сокак.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın