свет

Израелски министер: „Би бил задоволен доколку Турција учествува во Источно-медитеранскиот плински форум“

„Никогаш на Турција не сме ѝ ги затвориле вратите на Источно-медитеранскиот плински форум“, изјави израелскиот министер за енергетика, Јувал Стеиниц

Mustafa Deveci   | 23.01.2021
Израелски министер: „Би бил задоволен доколку Турција учествува во Источно-медитеранскиот плински форум“

ЕРУСАЛИМ

Израелскиот министер за енергетика, Јувал Стеиниц, изјави дека би му било задоволство Турција да учествува во Источно-медитеранскиот плински форум и дека тоа би било добро за трговските односи, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во интервју за американскиот канал „Си-ен-би-си“ (CNBC), Стеиниц говореше за Источно-медитеранскиот плински форум и за проектот што стана актуелен минатата година, а кој се однесува на извозот на израелскиот гас во Турција.

„Пред околу пет и пол години, откако ја презедов должноста министер за енергетика, се состанавме со претседателот (Реџеп Таип) Ердоган во Белата куќа. Таму со претседателот Ердоган разговаравме за можностите за извоз на израелскиот гас во Турција. Имавме состаноци и со експертите од Министерството за енергетика. Меѓутоа, за жал, остана без резултати“, рече Стеиниц.

Наведе, исто така, дека се спремни повторно да разговараат за проектот за извоз на гас во Турција и дека се надева оти таа земја ќе се сврти кон регионална соработка со одредени соседи.

„Во тој поглед, би бил задоволен доколку Турција сака да продолжи со Источно-медитеранскиот плински форум во рамките на регионалната соработка“, порача Стеиниц.

Тој смета дека тоа би било добро и за трговските односи.

„Никогаш на Турција не сме ѝ ги затвориле вратите на Источно-медитеранскиот плински форум“, додаде Стеиниц.

На состанокот одржан во Египет на 16 јануари 2019 година, со учество на министрите за енергетика на Египет, Израел, Грција, Јужен Кипар, Италија и Јордан, воспоставен е Источно-медитеранскиот плински форум.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın