свет

За една година во Идлиб се раселени над милион лица

„Избегавме од бомбардирањата и воздушните напади. Ни се сруши куќата. Мојот сопруг загина. Мојот син работеше и ни помагаше, но и тој загина. Бевме принудени да бегаме од смртта во Серакиб“

?kipa   | 11.09.2019
За една година во Идлиб се раселени над милион лица

ИДЛИБ (АА) - ЕШРЕФ МУСА/БУРАК КАРАЏАОГЛУ -

Како резултат на нападите на Асадовиот режим и Русија во деескалационата зона во Идлиб, од 17 септември 2018 година досега раселени се 1 милион и 42 илјади цивили, пишува Anadolu Agency (AA).

На состанокот во Астана меѓу 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран го прогласија Идлиб и околината за деескалациона зона.

Турција и Русија постигнаа дополнителен договор откако силите на режимот го прекршија процесот на примирје кој започна во овие рамки.

Покрај Договорот постигнат во Сочи на 17 септември 2018 година, режимот ги продолжува нападите со помош на своите поддржувачи.

Според информациите добиени од Координативната канцеларија за интервенции во Сирија која го следи процесот на миграција во регионот, за една година од постигнување на договорот, 1 милион и 42 илјади цивили се раселиле во регионот.

Во нападите на Асадовиот режим и Русија извршени од 2 февруари таргетирани биле вкупно 13 шаторски населби, 30 центри на цивилна одбрана, 67 здравствени установи, 114 училишта, 18 пазари, 2 хидроцентрали, 3 електрани и 16 фурни.

„Со доаѓање на зимската сезона, ќе се случи нова хуманитарна катастрофа. Поголемиот дел од луѓето се без домови“, истакна во изјава за АА, Мухамед Халаџ, директор на Координативната канцеларија за интервенции во Сирија.

Халаџ рече дека се загрижени од започнување на нова воена операција од страна на Асадовиот режим и неговиот поддржувач Русија.

Според него, во случај да се изврши напад врз големи населени места како Серакиб, Маретинуман и Ериха, кои се наоѓаат во јужното и југоисточното рурално подрачје на Идлиб, бројот на раселени цивили ќе се зголеми на 1,5 милион лица.

- „Бевме принудени да бегаме од смртта“ -

„Избегавме од бомбардирањата и воздушните напади. Ни се сруши куќата. Мојот сопруг загина. Мојот син работеше и ни помагаше, но и тој загина. Бевме принудени да бегаме од смртта во Серакиб“, раскажува Елма Зејди, една од раселените цивили.

Таа се осврна и на условите во местото каде што се засолнати.

„Деновите поминуваат многу тешко. Имам само уште еден син. Тој собира железо и бакар од отпад за да се грижи за нас. Авионите со денови вршеа силни напади. Ни беа потребни три дена за да ги извлечеме алиштата од нашиот срушен дом“, додаде Зејди.

Од друга страна, Мезне Хајем, друг раселен цивил, нагласи дека од Серакиб мигрирале во селото Кели, кое се наоѓа на границата со Турција.

„Внатрешниот дел на шаторот е топол. Покривот е од најлон“, рече Хајем, нагласувајќи дека во зима ќе имаат тешкотии тука, и дека имаат потреба од перници, ќебиња и слично.

Во нападите на режимот и Русија од 17 септември 2018 година кога беше потпишан Договорот меѓу Турција и Русија, досега загинаа 1.282 цивили, од кои 219 жени и 341 дете.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın