ЕУ ќе подготви предлог за финансиска помош на Сиријците во Турција
Европската Унија (ЕУ) до Турција ќе достави предлог во врска со финансиската помош за поддршка на Сиријците кои се згрижени во земјата

БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) до Турција ќе достави предлог во врска со финансиската помош за поддршка на Сиријците кои се згрижени во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По посетата на Турција на претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и на претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, и по разговорите со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на дневната прес-конференција портпаролката на Комисијата на ЕУ одговори на прашањето за деталите за финансиската помош за Сиријците кои се сместени во Турција, Либан и Јордан.
Портпаролката Ана Писонеро одговори на прашањето дали помошта за Сиријците во Турција ќе биде продолжение на Договорот за миграција од 18 март 2016 година или пак ќе биде предложен некој друг метод.
Истакнувајќи дека на состанокот на Самитот на лидерите на ЕУ кој се одржа на крајот на март, на Комисијата на ЕУ ѝ е дадена задача за продолжување на финансиската помош за Турција, портпаролката Ана Писонеро рече дека Комисијата во однос на фондот за помош ќе разговара со земјите членки на ЕУ.
Наведувајќи дека е рано да се зборува за нивото на помош и како таа ќе се даде, портпаролката Писонеро рече: „За кратко време ние ќе ја подготвиме нашата понуда.“
Во рамките на Договорот за миграција меѓу ЕУ и Турција за помош на Сиријците беше предвидено да се користи фонд на ЕУ во износ од 6 милијарди евра.
Донесена беше одлука фондот да се користи за здравствените, образовните и потребите за исхрана и инфраструктура на Сиријците.
Европската Унија беше многу бавна во однос на оваа финансиска помош. Таа не испрати ни 2 милијарди евра од 6 милијарди евра, иако поминаа пет години од потпишувањето на Договорот за миграција.