свет

ЕУ сака да учествува во кипарските преговори

- „Почувствував позитивна решеност за враќање кон преговорите и за изнаоѓање решенија“, рече Борел и додаде дека како ЕУ се подготвени да им помогнат на лидерите.

Ömer Tuğrul Çam   | 08.03.2021
ЕУ сака да учествува во кипарските преговори

БРИСЕЛ

Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни односи и безбедносна политика, Жозеп Борел, на својот блог објави текст во кој ги оцени разговорите што минатата недела на Кипар ги водеше со Ерсин Татар, претседателот на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), и со Никос Анастасијадис, лидерот на администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар, известува Агенција Анадолија (АА).

Истакнувајќи дека обидите за повторно започнување на кипарските преговори не се почеток од нула, Борел рече дека постои зацртана рамка од страна на Обединетите нации (ОН) и додаде: „ОН се многу јасни во параметрите за изнаоѓање траен мир. Резолуцијата 2561 на Советот за безбедност на ОН од 29 јануари 2021 година повикува на сеопфатно решение кое ќе се базира на политички еднаква бинационална, битериторијална федерација. Европската Унија во потполност ја поддржува зацртаната рамка на ОН.“

Зборувајќи дека решението за кипарскиот проблем не може да дојде однадвор, Борел истакна дека изнаоѓањето решение првенствено е одговорност на Кипраните. Борел рече дека тоа претставува сложен процес и продолжи со зборовите: „Анастасијадис и Татар се охрабрени во изнаоѓањето заедничка основа, благодарение на подготвениот став на ОН да работат со нив на таа тема.“

„Почувствував позитивна решеност за враќање кон преговорите и за изнаоѓање решенија“, рече Борел и додаде дека како ЕУ се подготвени да им помогнат на лидерите.

„Многу е очигледно дека кипарскиот проблем е проблем на ЕУ. Кипар сега е членка на ЕУ и ќе биде членка и по обединувањето. Регионалната стабилност и просперитетот на Источниот Медитеран се тесно поврзани со решавањето на кипарскиот проблем. Идното решение треба да биде особено во согласност со законодавството на ЕУ и да ги заштити интегритетот и одговорноста на ЕУ и процесите за донесување одлуки. ЕУ е официјален набљудувач на конференцијата за Кипар. Од тие причини, колку побргу ЕУ ќе се вклучи во преговорите за ново решение, толку ќе биде подобро“, истакна Борел.

Тврдејќи дека „кипарските Турци се граѓани на ЕУ“ и дека членството на Кипар во ЕУ е во интерес на сите Кипрани, Борел рече дека ЕУ обезбедила помош од 600 милиони евра за заедницата на кипарските Турци од 2006 година досега.

Коментирајќи дека „кипарското прашање во исто време е важно и од аспект на односите Турција - ЕУ“, Борел истакна дека по тешката 2020 година, односите се приближуваат кон пресвртна точка и додаде дека смиреноста во Источниот Медитеран е кревка, и затоа, повеќе од кога било претходно, многу е важно да се обезбеди напредок во кипарските преговори.

„Успехот има витално значење од аспект на регионалната стабилност и општиот мир во светот“, рече Борел и истакна дека тие, како ЕУ, ќе ги поддржат кипарските преговори.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın