свет

Ердоган во Пакистан: „Ниту еден инвеститор не се покајал поради доаѓањето во Турција“

„Ние не правиме разлика меѓу меѓународните компании што инвестираат во Турција и домашните компании“

Enes Kaplan  | 14.02.2020 - Обновена : 14.02.2020
Ердоган во Пакистан: „Ниту еден инвеститор не се покајал поради доаѓањето во Турција“ Фото: Erçin Top/AA

ИСЛАМАБАД (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес на Турско-пакистанскиот деловен форум во Исламабад изјави дека ниту еден инвеститор не се покајал поради доаѓањето во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган: „Наметнувањето на ‘Мировниот план на векот’, не е ништо друго туку проект за окупација“

Ердоган во таа прилика потсети дека вчера се состанал со пакистанскиот колега Ариф Алви, а денес имал можност да се обрати пред парламентарците. Тој се осврна и на состанокот на Советот за стратешка соработка на високо ниво, со кој ќе копретседава со пакистанскиот премиер Имран Кан, а што ќе биде одржан по деловниот форум.

Верува дека контактите што денес ќе бидат воспоставени ќе придонесат за нови партнерства во иднина.

„Сакаме трговските и економските врски со Пакистан да ги подигнеме на ниво на кое што се политичките односи. И покрај интензивирањето на трговијата и инвестициите во последниот период, гледаме дека заостануваме за потенцијалот на ова поле. Тоа што обемот на трговска размена меѓу Турција и Пакистан, кои заедно имаат 300 милиони жители, изнесува 804 милиони долари, искрено не го сметам за прикладно за нашите земји. Билатералната трговија прво би требало да биде зголемена на милијарда долари, а потоа да се постави цел од пет милијарди долари“, изјави Ердоган.

Тој смета дека овие цели нема да бидат остварени само со имање желба.

„Во согласност со заедничката цел, треба да преземеме одлучни, јасни и силни чекори“, изјави Ердоган.

Тој додаде дека во последно време видливо доаѓа до замав во однос на инвестициите.

„Директните инвестиции на Турција во Пакистан изнесуваат 500 милиони долари. Крајно сум задоволен што турските компании дејствуваат на многу полиња во Пакистан, од енергетиката до храната, од хигиената до градежништвото. Нашите фирми тука работат како што му доликува на турско-пакистанското пријателство“, изјави Ердоган.

Тој додаде дека турските компании планираат да ги зголемат инвестициите.

Потсети дека во Турција има 158 пакистански компании и дека нивните инвестиции се проценуваат на околу 100 милиони долари.

Турскиот претседател изрази надеж од зголемување на бројот на компаниите, но и на инвестициите.

„Ние не правиме разлика меѓу меѓународните компании што инвестираат во Турција и домашните компании“, изјави Ердоган.

Тој се осврна и на низата чекори преземени за да се олесни инвестирањето во Турција.

Додаде дека ги отвориле и продолжуваат да ги отвораат вратите на секој што верува во инвестицискиот потенцијал на Турција.

„Никој од инвеститорите што ѝ укажаа доверба на нашата земја, не се покајал поради тоа“, изјави Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.