свет

Египет соопшти дека во тек се разговори со САД за одржување конференција за обнова на Газа

„Работиме на зацврстување на договорот за прекин на огнот и на почетокот на втората фаза од планот на претседателот (на САД) Доналд Трамп, како и на преминување во фазата на рано закрепнување и обнова“

Betül Yılmaz  | 02.12.2025 - Обновена : 02.12.2025
Египет соопшти дека во тек се разговори со САД за одржување конференција за обнова на Газа

БЕРЛИН (АА) – Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати денес изјави дека Каиро води консултации со Соединетите Американски Држави (САД) за одржување меѓународна конференција за обнова на Појасот Газа, по двегодишната израелска војна во палестинската енклава, јавува Анадолу.

На заедничката прес-конференција во Берлин со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, Абделати рече дека разговорите со Вашингтон продолжуваат за утврдување датум за конференцијата, која ќе биде копретседавана од Египет и САД.

Тој упати повик за поголем пристап на хуманитарна помош во Газа за да се одговори на потребите на населението.

„Работиме на зацврстување на договорот за прекин на огнот и на почетокот на втората фаза од планот на претседателот (на САД) Доналд Трамп, како и на преминување во фазата на рано закрепнување и обнова“, изјави тој.

Прекин на огнот во Газа стапи во сила на 10 октомври, ставајќи крај на двегодишните израелски напади во кои од октомври 2023 година досега убиени се повеќе од 70.000 Палестинци, најмногу жени и деца, а повредени се над 171.000.

Абделати рече дека Египет и Германија го поздравуваат усвојувањето на Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН, која предвидува формирање Совет за мир, Меѓународни сили за стабилизација (ИСФ) и административен комитет во енклавата.

„Ситуацијата на Западниот Брег не е ништо помалку тешка отколку во Газа, особено поради кампањите на терор што ги спроведуваат доселениците врз невини цивили“, истакна египетскиот министер.

Тој ја повтори потребата од формирање палестинска држава според границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град, во согласност со меѓународните резолуции.

Говорејќи за хуманитарната криза во Судан, Абделати рече дека Египет има „јасна визија“ во рамките на планот предложен од меѓународниот механизам Квад, кој утврдува патоказ за прекин на огнот и започнување сеопфатен политички процес што целосно е во сопственост на Судан“.

Во септември, Квад, составен од САД, Египет, Саудиска Арабија и ОАЕ, предложи тримесечен хуманитарен прекин на огнот во Судан, кој треба да доведе до траен крај на конфликтот и до деветмесечен преоден процес што ќе резултира со независна цивилна влада.

Абделати додаде дека Египет води разговори со Квад и Германија за „постигнување прекин на огнот, воспоставување безбедни зони и хуманитарни коридори, кои би довеле до прекин на огнот и почеток на инклузивен политички процес што никого нема да исклучи“.

Египетскиот министер пристигна во Германија вчера, каде што оствари билатерални разговори со германски официјални претставници за зајакнување на односите и за низа регионални и меѓународни прашања од заеднички интерес.

Според соопштението на Министерството за надворешни работи, Абделати и Вадефул се договориле да воспостават механизам за политички консултации на министерско ниво.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.