свет

Европскиот комесар Рејндерс: „Забраните за патувања во Унијата отидоа предалеку“

- „Комисијата сака да ги потсети земјите членки на ЕУ на неопходноста од координиран пристап до сите мерки преземени со цел слобода на движењето на луѓе и стоки“, изјави европскиот комесар за правда, Дидиер Рејндерс

Ekip   | 23.02.2021
Европскиот комесар Рејндерс: „Забраните за патувања во Унијата отидоа предалеку“

БРИСЕЛ 

Европската комисија повторно ќе ги потсети државите членки на ЕУ да не ги затвораат границите во Унијата, изјави денес европскиот комесар за правда, Дидиер Рејндерс, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Комисијата сака да ги потсети земјите членки на ЕУ на неопходноста од координиран пристап до сите мерки преземени со цел слобода на движењето на луѓе и стоки“, објасни тој во видеопорака објавена на социјалните мрежи пред виртуелниот состанок на министрите на ЕУ.


- Упатена молба до шест земји

Се очекува министрите да дискутираат за одговорот на ЕУ во борбата против коронавирусот, вклучувајќи го и затворањето на границите, но и вакцинацијата, а со цел подготовка за виртуелниот самит на членките на ЕУ закажан за четврток.

„Извршното тело на ЕУ упати писмо во кое на шест земји на ЕУ им е упатена молба да се вратат на усогласените препораки во врска со патувањата“, додаде Рејндерс.

„Германија, Белгија, Шведска, Финска, Данска и Унгарија добија писма“, изјави портпаролот на ЕК, Кристијан Виганд.

„Рестриктивните мерки отидоа предалеку. Можеби би било прифатливо да не се препорачуваат патувања, но не и тие да се забрануваат од една земја членка во друга“, наведе Рејндерс.

Германија на 14 февруари ги затвори границите за Чешка и регионот Тирол во Австрија за да го спречи ширењето на новата варијанта на вирусот, а дозволено е само враќање на државјаните на Германија и неопходните работници.

Таквата одлука предизвика негодување кај прекуграничните работници кои со тоа се оневозможени да се враќаат дома секој ден.


- Сертификати за вакцинација

„Многу е важно заеднички да работиме на дигиталниот сертификат. Ќе видиме наредните месеци дали постои начин тие сертификати да ги олеснат патувањата“, изјави Рејндерс.

Меѓутоа, тој изјави и дека Европската комисија не сака сертификатите за вакцинација да бидат задолжителни за патувањата и дека треба да се остави можноста за тестирање и карантин за оние што не ја примиле или не сакаат да ја примат вакцината против коронавирусот.

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, во јануари предложи сертификат за вакцинација во ЕУ, како обид да ја спаси претстојната туристичка сезона.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.