свет

Децата ги развеселуваат тажните кампови во Идлиб пропаднати во кал

- Хусам ел Али, кој со своите другарчиња изработува цртежи од кал. „Немаме ништо со што би играле, ниту топка, ниту играчки. Нашите шатори се празни, но добро сме. Доволно е да можеме да се згрееме кога ќе ни застуди“ рече Али.

Erdal Türkoğlu,Mehmet Kemal Firik   | 09.01.2020
Децата ги развеселуваат тажните кампови во Идлиб пропаднати во кал

ИДЛИБ

- Ердал ТУРКОГЛУ / Мехмет КЕМАЛ ФИРИК

Децата на семејствата што поради нападите на режимот на Башар ал Асад и Русија избегаа во руралните предели на Идлиб, во камповите во кои се заробени од студот и калта се обидуваат да го поминат времето играјќи со своите врсници и посакувајќи кога ќе се вратат во шаторите да можат да се згреат, јавува Агенција Анадолија (АА).

Сиријците, кои бегајќи пред нападите со себе понеле само неколку парчиња облека, на просторите што им изгледаат безбедни поставуваат шатори и започнуваат со својот нов живот.

Во северниот дел на Идлиб, подрачјето на местото Сармада, кое се наоѓа во близина на сириско-турската граница, е едно од локациите на кои се сместија стотици семејства.

Речиси на секоја точка од ова подрачје, кое изобилува со маслинови дрвја и карпести предели, можно е да се забележат кампови од шатори.

Сиријците кои претежно своите шатори ги поставуваат покрај патот или во полињата со маслинови дрвја, имаат големи проблеми во задоволувањето на основните животни потреби, како што се вода, храна и греење.

На подрачјето каде што владеат студот и дождот, молкот на тагата го нарушуваат децата.

Додека поради временските услови луѓето се обидуваат да не излегуваат од шаторите, децата го поминуваат времето на калливите улици и покрај противењето на нивните семејства.


- Калта е нивната боја, а шаторите сликарски платна

Децата, кое без јакна, кое без чорапи, кое целото во кал, шетаат по улиците од шаторскиот камп и колку што им дозволуваат условите, играат најразлични игри, со стап, балони, камења и кал.

Децата, кои го прекинале своето образование поради миграцијата и со нетрпение го очекуваат моментот кога повторно ќе можат да заминат на училиште, си играат со топка и балони или врз шаторите цртаат со кал најразлични цртежи.

Омар Араф, 9-годишен жител на кампот „Јужен Сарут“, за АА изјави дека секој дел од кампот се наоѓа под кал.

Велејќи дека е тажен бидејќи не е во можност да оди на училиште, Араф рече: „Некои од моите пријателчиња ги запознав тука. Си играме заедно. Тука е многу ладно и помошта не пристигнува. Посакуваме шатори, ќебиња и греалки.“

Хусам ел Али, кој со своите другарчиња изработува цртежи од кал, истакна дека во кампот нема ништо од она што им е потребно.

Велејќи дека тешко се движат поради калта што се наоѓа насекаде во кампот, Али рече: „Немаме ништо со што би играле, ниту топка, ниту играчки. Нашите шатори се празни, но добро сме. Доволно е да можеме да се згрееме кога ќе ни застуди.“


- Состојбата во Идлиб

Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата.

Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.

На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за 4 деескалациони зони во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо).

Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациони зони, со исклучок на Идлиб.

Стотици илјади цивили, што избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.

Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.

Русија, режимот, како и терористите поддржани од Иран, кои изведуваат напади во деескалационата зона во Идлиб, само од почетокот на 2019 година досега се причина за раселувањето на околу 1 милион и 300 илјади цивили кон местата во близина на границата со Турција. Над 1.600 цивили загинаа како резултат на бомбардирањата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın