свет

Грција: Протест за поддршка на терористичката организација „17 ноември“

По протестот, група маскирани лица со Молотови коктели ги нападнаа канцелариите на партијата ПАСОК

Furkan Naci Top   | 15.05.2019
Грција: Протест за поддршка на терористичката организација „17 ноември“ Фото: АА/Архива

АТИНА (АА) - Синоќа во Грција се одржа протест во знак на поддршка на Димитрис Куфодинас, член на терористичката организација „17 ноември“, која во минатото уби голем број западно ориентирани лица и странци, меѓу кои има и турски дипломати, јавува Anadolu Agency (AA).

Група од околу 700 лица се собраа во главниот град Атина, организирајќи протест во знак на поддршка на штрајкот со глад на Куфодинас, кому во затворот му е одбиено барањето за излез.

На крајот од протестот, група лица со маски на лицата со Молотови коктели ги нападнаа кацелариите на партијата ПАСОК, кои се наоѓаат во близина на центарот на градот.

Десетици Молотови коктели се фрлени врз зградата, при што е причинета голема материјална штета, но за среќа нема повредени.

Претходно, во период од 2 години, на 6 пати на Куфодинас му е дозволено да излезе надвор, но откако последното барање не му е одобрено, во почетокот на мај, тој започна штрајк со глад. Куфодинас, под безбедносни услови е префрлен во болница.

Потоа, една група напаѓачи со чекан ги искршија излозите на десетици луксузни продавници во центарот на Атина.

Кон крајот на минатата година, Куфодинас од затворот „Коридалос“, кој е од затворен тип со високо ниво на безбедност, беше префрлен во затвор од отворен тип во Волос.

Куфодинас, познат и под кодното име „Лукас“, поради терористичките кривични дела е осуден на 16-кратен доживотен затвор. Неговото префрлување во затвор од отворен тип и правото на излез предизвикаа остри реакции од страна на САД, Велика Британија и Турција.

Министерството за надворешни работи на Турција објави: „Покажувањето толеранција кон терорист кој е осуден за убиство на наш дипломат претставува големо непочитување кон споменот на нашите жртви и ужалените семејства“.

Законите во Грција им даваат право за излез на сите осуденици кои минале повеќе од 8 години во затвор. Одборите на затворите кои ги даваат дозволите за излез, дозволите не ги даваат врз основа на стореното дело, туку врз основа на однесувањето на осуденикот во затворот.

Терористичката организација „17 ноември“ во периодот од 1991 до 1994 година во Амбасадата на Република Турција во Атина ги уби дипломатите Четин Ѓорѓу и Омер Сипахиоглу, а ги рани амбасадорот Дениз Бољукбаши, административниот аташе Нилѓул Кaчеџи и возачот Адил Јилдирим.

Терористичката организација „17 ноември“ (позната и како 17Н или Н17) била марксистичко герилска урбана организација, дефинирана како терористичка организација од Грција, која со децении се борела против американското влијание во земјата. Формирана е во 1975 година, а распуштена е 2002 година, по апсењето на голем број нејзини членови.

Познато е дека за време на своето постоење оваа терористичката организација извршила 103 грабежи, атентати и бомбашки напади врз грчки, американски, британски и турски цели, во кои се убиени 23 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın