свет

Германското здружение на туристички агенции ги пофали мерките против Ковид-19 што Турција ги презеде во туризмот

„Хотелите и дестинациите спроведоа брзи и добро осмислени хигиенски и безбедносни концепти кои минатата година беа многу добро спроведени во практика. Ова е потврдено и од страна на Институтот „Роберт Кох“ со бројките на германските туристи...“

Erbil Başay   | 06.05.2021
Германското здружение на туристички агенции ги пофали мерките против Ковид-19 што Турција ги презеде во туризмот

БЕРЛИН (АА) - ЕРБИЛ БАШАЈ -

Норберт Фибиг, претседател на Германското здружение на туристички агенции (DRV), изјави дека минатата година хотелите и дестинациите во Турција спроведоа многу брзи и добро осмислени хигиенски и безбедносни концепти во рамките на новите видови мерки за заштита од коронавирусот (Ковид-19), додавајќи дека сето тоа многу добро го спроведуваат во практика.

Фибиг одговараше на прашањата на Агенција Анадолија (АА) во врска со состојбата околу летните одмори пред претстојната сезона, за желбата на Германците своите годишни одмори да ги минат во Турција и за состојбата на туристичката индустрија во време на Ковид-19.

Наведувајќи дека Турција е една од најважните дестинации за германскиот туристички пазар, Фибиг изјави дека е најважно тур-операторите да презентираат сеопфатни понуди за Турција.

„Хотелите и дестинациите спроведоа брзи и добро осмислени хигиенски и безбедносни концепти кои минатата година беа многу добро спроведени во практика. Ова е потврдено и од страна на Институтот „Роберт Кох“ со бројките на германските туристи, корисници на пакет-аранжманите кои по изминатиот одмор се вратија во земјата“, истакна Фибиг.

- Имплементацијата на „Безбедни коридори“ треба да продолжи -

Покрај тоа, Фибиг посочи дека договорот што Германија и Турција во летниот период минатата година го постигнаа за воспоставување „безбедни коридори“ за различни туристички региони во Турција, овозможи спроведување туристички патувања за летните одмори, додавајќи дека посакува таа регулатива да се спроведе и оваа година, под услов, ситуацијата со епидемијата да го дозволува тоа.

На прашањето за тоа какви се барањата на Германците за минување годишен одмор во Турција, Фибиг одговори: „Турција е исклучително привлечна земја за одмор и многу популарна кај Германците. Летото 2019 година, Турција се најде на второто место, по Шпанија, според преференциите на германските туристи. Во моментов, Турција е на трето место, по Грција и Шпанија, во резервациите примени за летото 2021 година. Сепак, треба да се напомене дека во моментов се направени само 20 % од резервациите за „нормално“ лето без вирусот. Во суштина постои побарувачка [кај луѓето] да заминат на годишен одмор.“

Потенцирајќи дека на луѓето им треба одмор, Фибиг нагласи дека постои интерес кај Германците за годишен одмор во Турција. „Ова [побарувачката] ќе се рефлектира и врз резервациите, како што ќе напредува вакцинацијата, со разумна стратегија за тестирањето и сеопфатни мерки за хигиена и превентивни мерки. Дефинитивно постои интерес [од Германците] за годишен одмор во Турција.“

Фибиг истакна дека е правилно и важно што германската Влада решила да најде решение во однос на прашањето за давање можни слободи за вакцинираните и за оние кои биле заразени со Ковид-19 и закрепнале, додавајќи дека треба да се спречат различните регулативи за ова прашање, бидејќи во спротивно може повторно да има неизвесност кај компаниите и оние кои сакаат да заминат на годишен одмор.

Наведувајќи дека туристичката индустрија е во тешка состојба и помошта што ја дава германската Влада треба да биде продолжена, Фиебиг заклучи: „Она што најитно ни треба во моментов е презентирање позитивна перспектива. Ни треба напреден план за ревитализација на туризмот. И на клиентите и на компаниите треба да им е појасно кога и под кои услови е можно патување.“


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.