свет

Германскиот претседател: „Расизмот, непријателството кон муслиманите и антисемитизмот постојат во Германија“

Штајнмаер во палатата „Белви“ ги прими семејствата на жртвите на расистичкиот и терористички напад што се случи на 19 февруари во градот Ханау

Cüneyt Karadağ   | 23.09.2020
Германскиот претседател: „Расизмот, непријателството кон муслиманите и антисемитизмот постојат во Германија“

БЕРЛИН (АА) - Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер изјави дека во земјата се присутни расизмот и непријателството кон муслиманите, јавува Агенција Анадолија (AA).

Штајнмаер во палатата „Белви“ ги прими семејствата на жртвите на расистичкиот и терористички напад што се случи на 19 февруари во градот Ханау.

Во своето обраќање по тој повод, тој посочи дека расистичкиот и терористички напад во Ханау не се случил само тукутака, туку дека е последица на расизмот, непријателството кон муслиманите и антисемитизмот, појави кои несомнено се присутни во Германија.

„Луѓето на улица се понижувани, напаѓани и убивани поради потемната боја на кожата, за време на молитвите во џамиите и затоа што носат капи на главите. Корените на десничарскиот радикализам допираат длабоко во нашата заедница. Ова е сериозен проблем кој бара итна реакција. Тоа не треба да го игнорираме ниту за време на пандемијата на Ковид-19“, рече Штајнмаер.

Истакнувајќи ја неопходноста од заедничка борба за изградба на општество без расизам, омраза и насилство, Штајнмаер рече дека тоа е порака и до Ханау затоа што луѓето мора да живеат заедно.

„Поради пандемијата, семејствата на жртвите од нападот во Ханау се уште повеќе осамени. Меѓутоа, драги роднини, ние не ве заборавивме и нема да ве заборавиме. Мојата сопруга и јас, во име на мнозинството наши сонародници, денеска сакаме да кажеме дека сме свесни оти не можеме да ви ја тргнеме болката, но дека сме со вас и дека ова е ваша татковина“, порача Штајнмаер.

Екстремистот Робијас Ратјен во терористички напад во Ханау во февруари уби девет лица со имигрантски корени во три угостителски обијекти. Напаѓачот потоа си заминал дома и ја убил сопствената мајка, а потоа изврши самоубиство.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.