свет

Во позадина на случајот со протоколот во Анкара на виделина излезе внатрешниот спор на лидерите на ЕУ

Агенција Анадолија побара од турските власти информации во врска со изјавите и информациите што ги доставиле претставниците на ЕУ. Деталните информации што ги дадоа турските власти ги расветлија различните аспекти на ова прашање...

Emel Öz   | 11.04.2021
Во позадина на случајот со протоколот во Анкара на виделина излезе внатрешниот спор на лидерите на ЕУ

АНКАРА (АА) - По случајот со протоколот што се случи за време на состанокот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара на 6 април, откриено е дека имало погрешни интерпретации и информации кои Европската Унија (ЕУ) им ги давала на новинарите.

Официјалните претставници на Европскиот совет во четвртокот споделија изјава со акредитираните медиуми во Брисел.

Агенција Анадолија (АА) побара од турските власти информации во врска со изјавите и информациите што ги доставиле претставниците на ЕУ. Деталните информации што ги дадоа турските власти ги расветлија различните аспекти на ова прашање, кое привлече големо внимание кај јавноста.

ЕУ наведе дека на подготвителниот состанок присуствувала Службата за протокол на Европскиот совет, а Службата за протокол на Европската комисија не присуствувала, освен еден член на безбедносниот персонал на Фон дер Лејен, како и дека освен членот на обезбедувањето на подготвителниот состанок не присуствувала ниту Делегацијата на ЕУ во Турција.

Турските официјални претставници, исто така, истакнаа дека не учествувале ниту државните службеници на политичко и протоколарно ниво од ЕК и Делегацијата на ЕУ во Анкара, додавајќи дека од ЕУ го признале овој пропуст.

- Пристап до салите за состаноци и ручек -

Страната на ЕУ наведе дека посетата на местото каде што требало да се одржи состанокот била кратка, но и покрај нивните барања, пристапот до просториите за состаноци и ресторанот не бил дозволен со образложение дека се наоѓаат близу до Кабинетот на претседателот Ердоган.

Турските власти на оваа жалба одговориле дека главниот кабинет нема да им биде покажан на членовите на делегацијата за подготвување на состанокот поради протоколарни правила, но дека на службениците од ЕУ им е кажано дека Мишел ќе седи десно од претседателот Ердоган и дека Фон дер Лејен ќе седи десно од Мишел на состанокот.

Од друга страна, службениците на ЕУ не поднеле никакви барања во врска со распоредот на седење ниту за карактеристиките на столиците за лидерите на ЕУ.

Службеникот за протокол на Европскиот совет изјави дека се согласува со распоредот што го изнела турската страна.

- Службениците на ЕУ не изнеле план за распоред на столиците -

Од ЕУ на новинарите им беше кажано:

„Ако можевме да ја видиме просторијата каде што требаше да се одржи состанокот, би им предложиле на нашите домаќини, од љубезност, да ја отстранат софата за претседателката на Европската комисија и да ја заменат со две фотелји.“

Турските службеници исто така свртеа внимание на фактот дека не постои пречка да се бараат две столчиња со ист квалитет за лидерите на ЕУ и дека за такво барање нема потреба претходно да се посети просторијата каде што ќе се одржува состанокот на челниците.

Турските службеници понатаму наведоа:

„За да може посетата успешно да се реализира, неопходно е службениците на делегацијата на земјата гостин да ги изразат сите свои барања во врска со посетата во најјасна форма, без да остават простор за двоумење на властите на земјата домаќин. Државата гостин е одговорна на службениците на државата домаќин да им сврти внимание на прашањето за можна алергија на храна на претставникот на делегацијата гостин, како и на самиот распоред на столици. Не би требало да се претпоставува дека земјата домаќин е запознаена со протоколната практика и прописите на земјата гостин. Примената или одредувањето на протоколите од земјата домаќин, кои не се нејзина стандардна практика и прописи, без барање на протоколот на земјата гостин може да се смета за непочитување на другата страна.“

- Расправа меѓу претставниците на ЕУ во ресторанот -

Во изјавата до новинарите на ЕУ се наведува дека на службениците на протоколот на ЕУ им било дозволено да влезат во ресторанот каде што челниците ќе ручаат неколку минути пред ручекот, и дека за ВИП-лица имало три места.

Турските власти свртеа внимание на фактот дека страната на ЕУ била погрешно упатена по ова прашање.

Имено, службениците на гостинската делегација биле поканети во салата за ручек веднаш штом започнал состанокот и лично им биле доставени податоците за распоредот. Со оглед на тоа што состанокот траел околу час и половина, службеничката за протокол на Европскиот совет, Кирси Панкинен, и генералниот секретар на Европската комисија, Фернандо Андресен Гимараеш, имале доволно време да ги поправат сите можни грешки.

Откако Гимараеш рекол дека распоредот за седење е погрешен во салата за ручек, предложено им е страната на ЕУ да седне на заедничка маса во средина.

Гимараеш тогаш рекол дека е задоволен од тој предлог, додека Панкинен, службеничката за протокол на Европскиот совет, се спротивставила. Изјавувајќи дека не може да прифати таков предлог, Панкинен рекла дека претседателот Мишел ќе седне пред претседателот Ердоган, а Фон дер Лејен треба да седи на столицата од десната страна на Мишел.

Двајцата службеници на ЕУ тогаш имале кратка дискусија.

Турската страна им кажала дека може веднаш да се преземат потребните чекори за да се спречи евентуално незадоволство од распоредот на местата.

- Службеникот за протокол на ЕУ ѝ се извини на турската страна -

Панкинен објасни дека проблемот произлегува од нивните внатрешни спорови и несогласувања и дека нема никаква врска со турската страна, на која потоа ѝ се извини.

Турските официјални претставници објаснија дека ја покажале потребната љубезност и учтивост во уважувањето на желбите на ЕУ.

„Исто така, ако распоредот на места за седење остане ист, турските службеници за протокол предложија претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен, да може да седи на столица со истите карактеристики како и турскиот претседател и претседателот на Европскиот совет, Мишел. Сепак, не беше можно да се смени местото за седење заради приговор од протоколот на Европскиот совет.“

- Несогласувањата меѓу службениците на протоколот на ЕУ започнаа претходната вечер -

Според информациите на турските власти, знаците на несогласување помеѓу Европскиот совет и Европската комисија всушност започнале вечерта пред самата посета на Претседателскиот комплекс.

Пред да се тргне кон комплексот, во хотелот имало несогласувања и внатрешни спорови, а службеничката за протокол на Советот, Панкинен, инсистирала на тоа дека според форматот за ручек 2 + 3, треба да присуствува и амбасадорот на ЕУ во Турција и две лица од нивниот тим, целосно исклучувајќи го персоналот на Европската комисија.

Откако интервенирале членовите за протокол на Турција за да се стави крај на несогласувањата меѓу службениците на ЕУ, иако доцна, тогаш интервенирал шефот на Делегацијата на ЕУ во Турција, амбасадорот Николаус Мејер Ландрут.

- Односите помеѓу Европската комисија и Европскиот совет -

Амбасадорот Ландрут побарал еден од службениците на Европскиот совет да биде заменет со службеник на Европската комисија. Службеничката за протокол на Советот, Панкинен, сепак, го одбила барањето на амбасадорот.

Потоа, секретарот на Комисијата, Гимараеш, рекол дека доколку форматот за учество остане во тој облик, претседателката Фон дер Лејен нема да го напушти хотелот.

- Турските службеници го осигурале присуството на Европската комисија на вечерата -

Проблемот продолжил и во салата за работен ручек кога секретарот Гимараеш рекол дека Европската комисија не е застапена на ручекот и дека тој самиот треба да присуствува на ручекот во име на Комисијата.

Потоа од турскиот протокол речено е дека Амбасадата на ЕУ однапред го проследила списокот на луѓе за ручек и дека тие не се овластени да прават измени на списокот по службена должност, и дека нивен соговорник по тоа прашање е Амбасадата на ЕУ.

На Гимараеш му е кажано дека ако и едно лице биде отстрането од списокот за ручек, во духот на правилата за учество на еднаков број присутни, веднаш ќе бидат преземени неопходните чекори за и тој да присуствува на ручекот. Меѓутоа, овој пат, службеничката за протокол на Советот, Панкинен, која била сведок на разговорот, се спротивставила на таквиот предлог.

Панкинен рекла дека не е можно да се смени списокот на луѓе за ручек и дека така и ќе остане.

Турската страна сметала дека е посоодветно Гимараеш да присуствува на вечерата, и покрај одлучното одбивање на Панкинен. Затоа, и покрај приговорите на Европскиот совет, на ручекот можеше да биде застапена и Европската комисија.

Проблемите меѓу службениците на ЕУ, всушност, се решени на иницијатива на членовите на турскиот протокол.

- Службениците на ЕУ му се заблагодарија на турскиот протокол -

Панкинен и Гимараеш, меѓу кои постоеле очигледни несогласувања, им кажале на турските претставници на протоколот дека се задоволни од промените што се предложени.

Изразувајќи задоволство од брзото решавање на проблемот, двајцата службеници на ЕУ во лифтот им кажале на членовите на турскиот протокол дека според нивно мислење посетата била многу добра и дека се многу задоволни и благодарни за трудот и напорите вложени од турските власти.

- Ердоган интервенираше кога Мишел не ја почека Фон дер Лејен -

ЕУ на брифингот за новинарите наведе дека претседателот на Европскиот совет, Мишел, предложил претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен, да се придружи за да биде на фотографијата со турскиот претседател Ердоган.

Турските власти, од друга страна, потсетија дека двајцата челници на ЕУ во Претседателскиот комплекс пристигнаа со две одделни возила со ист квалитет и привлекоа внимание на следниве детали:

„На влезот во Комплексот, претседателот на Советот, Мишел, излезе од возилото и со брзи чекори дојде до нашиот претседател, не чекајќи ја претседателката на Комисијата. По фотографирањето со турскиот претседател, Ердоган го потсети дека треба да се почека претседателката Фон дер Лејен. Мишел потоа рече да причекаат.“

- Европскиот совет објави фотографија без Фон дер Лејен -

Ердоган во знак на љубезност ги праша гостите за нивните преференции и желби во врска со фотографирањето пред самиот состанок.

На крајот е одлучено на фотографијата да бидат сите тројца челници.

Меѓутоа, прес-службата на Европскиот совет од фотографијата што ја сподели на својот профил на Твитер го отсекла делот од фотографијата со претседателката Фон дер Лејен, и така ја објави фотографијата.

Во одредени кругови претходните денови се појавија критики за распоредот на седење на состанокот, каде што турскиот претседател Ердоган и претседателот на Европскиот совет Мишел седеа на столици, додека Фон дер Лејен на почетокот остана да стои. Тогаш ѝ беше понудено место на софата, а турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, седна на другата софа наспроти претседателката на Европската комисија.

Во разговорот со новинарите рано во четвртокот, Чавушоглу рече дека Турција ги задоволила сите протоколарни барања упатени од страна на ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın