Бројот на загинати мигранти во Медитеранот оваа година надминаа 1.000
- Организацијата го повтори својот повик за зајакната регионална соработка, проширување на безбедните и легални миграциски патишта и поефикасни напори за пребарување и спасување со цел да се спречат идните смртни случаи
ЖЕНЕВА (АА) - Бројот на мигранти кои го загубија животот при обид да го преминат централниот дел на Средоземното Море оваа година веќе надмина 1.000, соопшти денес Меѓународната организација за миграција (ИОМ) на Обединетите нации, предупредувајќи дека бројот на жртви продолжува да расте со секоја нова трагедија, јавува Анадолу.
Во најновиот инцидент, се стравува дека повеќе од 40 лица се мртви откако гумен чамец се преврте покрај брегот на Либија на 8 ноември. Либиските власти започнаа операција за пребарување и спасување во близина на нафтеното поле Ал Бури откако бродот, кој тргнал од Зувара на 3 ноември, се превртел при бурно море.
Според преживеаните, соопшти ИОМ, бродот превезувал 49 мигранти и бегалци, 47 мажи и две жени, кога високите бранови предизвикале откажување на моторот околу шест часа по заминувањето. Само седум мажи преживеале откако морето ги носело шест дена: четворица од Судан, двајца од Нигерија и еден од Камерун.
Останатите 42 сè уште се водат како исчезнати и се претпоставува дека се мртви, од кои 29 се Суданци, осум Сомалијци, тројца Камерунци и двајца Нигеријци.
ИОМ соопшти дека нејзините тимови им обезбедиле итна медицинска помош, храна и вода на преживеаните по пристигнувањето.
„Овој трагичен настан, што се случи само неколку недели по другите смртоносни инциденти кај Сурман и Лампедуза, ги нагласува постојаните опасности со кои се соочуваат мигрантите и бегалците по должината на Централната медитеранска рута“, се вели во соопштението на Агенцијата.
Организацијата го повтори својот повик за зајакната регионална соработка, проширување на безбедните и легални миграциски патишта и поефикасни напори за пребарување и спасување со цел да се спречат идните смртни случаи.
