свет

Безбедносната зона во северна Сирија ќе го обезбеди враќањето на Сиријците

„Поминаа повеќе од четири години откако се преселивме овде [Анкара, Турција] со моето семејство. Имаме многу можности, но копнееме по нашата татковина“

Ali Murat Alhas   | 14.08.2019
Безбедносната зона во северна Сирија ќе го обезбеди враќањето на Сиријците

АНКАРА (АА) - Со формирањето на безбедносната зона во северна Сирија со цел отстранување на терористичката организација ЈПГ/ПКК од регионот, Турција се надева дека ќе релоцира дел од раселените Сиријци кои моментно живеат во земјата.

Турските воени претставници и нивните американски колеги минатата среда разговараа за деталите во врска со планираната безбедносна зона, a двете страни се согласиja да ја претворат областа во „мировен коридор“ и дека ќе бидат преземени мерки за обезбедување на враќањето на Сиријците.

Од избувнувањето на крвавата граѓанска војна во Сирија во 2011 година, милиони луѓе мораа да ја напуштат својата земја. Вкупно 3,6 милиони Сиријци моментно живеат во Турција, од кои многумина се надеваат на враќање во својата татковина.

- Враќање во татковината -

Мухамед ал Саади (42) во разговор со АА рече дека копнее за својата татковина.

„Поминаа повеќе од четири години откако се преселивме овде [Анкара, Турција] со моето семејство. Имаме многу можности, но копнееме по нашата татковина“, рече тој.

Саади вели дека живеел во северозападниот сириски град Идлиб, но дека морал да го напушти поради редовните воздушни напади на режимот и руските авиони.

„Не можете да замислите колку е тешко да спиете додека ги слушате прелетувањата на воените авиони, експлозиите и истрелите од оружје“, рече тој, додавајќи дека скоро сите сириски граѓани кои живееле во регионите под контрола на опозицијата претрпеле психолошки нарушувања поради бесконечната воена кампања на режимот и неговите сојузници.

На прашањето дали размислува да се врати во Сирија штом се формира безбедносна зона во северниот дел на земјата, тој одговори: „Не само јас, познавам барем десетина [луѓе] што знам дека веднаш би се вратиле доколку се формира зоната. Можеби [северна Сирија] не е мојот роден крај, но тоа е дел од мојата земја.“

- „Не сакам да бидам странец“ -

Омар ал Махер, друг Сириец кој живее во Турција, изјави дека работел како механичар во градот Хомс до 2014 година. Но, бил принуден да го напушти својот дом и да тргне кон Идлиб, откако избиле судирите меѓу опозициските сили и режимот, а подоцна да пристигне во Турција.

„Не може да се опише како е да се живее под постојана опасност од смрт. Порано водевме скромен живот пред [граѓанската војна], меѓутоа, сè се смени во наредните години“, истакна тој. „Дури ми недостасуваат и тешките работни денови на кои се жалев“.

„Моето семејство и јас ќе се вратевме дома, не е важно дали е тоа во северна или јужна [Сирија], доколку имавме шанса. Турците се добри со нас, тоа е факт. Но и покрај тоа, не сакам да бидам странец каде било, Турција или Европа. Само сакаме да се вратиме дома, многу е тешко да се биде далеку од својата татковина“, рече тој.

- Шанса за нормален живот? -

Сиријка на возраст од 29 години, која сакаше да остане анонимна, вели дека голем дел од луѓето што се засолниле во Турција ќе се вратат во својата татковина откако територијата биде исчистена од терористичките елементи и откако ќе се гарантира безбедноста на Сиријците.

„Има луѓе [терористички групи] со лоши намери, тие мора првин да заминат за да можеме да водиме нормален живот. Никој не сака да живее на место каде што куршуми би можеле да ве погодат секој миг“, рече таа.

„Сето она што го сакам е да водам нормален живот во мојата земја, и да ги одгледувам моите деца без да размислувам за нивната безбедност додека тие надвор играат фудбал“, рече таа. „Право на човека е да живее без страв, јас сум човечко суштество, дали е тоа премногу да се бара за еден нормален живот?“

Ванеса Тинкер, професор на Универзитетот за општествени науки во Анкара, истакна дека раселените Сиријци може да се соочат со првични тешкотии при нивното адаптирање во регионот и дека нивната безбедност мора да биде обезбедена за да се олесни овој процес.

„Не сметајте ги животните услови, постоечките закани по безбедноста се повознемирувачки. И покрај постигнатиот договор меѓу Турција и САД во средата за формирање безбедносна зона, нема информации за тоа од што би се состоел овој договор“, рече Тинкер, експерт на полето на решавање конфликти.

Таа додаде дека преселувањето на Сиријците од Турција во северна Сирија по непосредна операција треба да биде прецизно испланирано, бидејќи судир меѓу курдското и арапското население може да предизвика граѓански немири во регионот.

Според ОН, над 5,6 милиони лица пребегале од Сирија од избивањето на граѓанската војна во 2011 година. Меѓу земјите домаќини на Сиријците, Турција ги отвори своите граници за 3,6 милиони од нив во рамките на своите граници, примајќи најголем број. Други земји кои по бројност примија најмногу Сиријци се Либан, Јордан, Ирак и Египет.

Турција истакна дека ќе спроведе антитерористичка операција на територијата на северна Сирија источно од реката Еуфрат, по двете успешни операции од 2016 година.

Во последните две години, турските операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ го ослободија регионот од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, дозволувајќи им на стотици илјади раселени цивили да се вратат во своите домови.

ЈПГ е сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, која е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе во Турција, меѓу кои многу деца, жени и новороденчиња, во кампањата против Турција која трае 30 години.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın