свет

Бајден потпиша 17 уредби со кои укина некои од контроверзните чекори на Трамп

Џо Бајден по влегувањето во Овалната канцеларија во Белата куќа, каде што пристигна по завршувањето на церемонијата на инаугурацијата, ги потпиша првите уредби со кои направи пресврт...

Dildar Baykan,Betül Yürük,Dilara Zengin   | 21.01.2021
Бајден потпиша 17 уредби со кои укина некои од контроверзните чекори на Трамп

ВАШИНГОН (АА) - Првиот ден од мандатот, американскиот претседател Џо Бајден потпиша 17 уредби со кои се укинати некои од најконтроверзните чекори на неговиот претходник Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).

Бајден по влегувањето во Овалната канцеларија во Белата куќа, каде што пристигна по завршувањето на церемонијата на инаугурацијата, ги потпиша првите уредби со кои направи пресврт во одредени области за кои често се дискутираше за време на мандатот на Трамп.

Бајден прво ја потпиша одлуката со која се бара носење маски во јавни објекти и кампуси поради Ковид-19.

- Враќање на меѓународните договори -

Бајден, кој борбата против климатските промени ја стави како еден од своите приоритети во предизборната кампања, потпиша претседателска уредба за повторно учество во Парискиот климатски договор, од кој се повлече Трамп, кој го негираше глобалното затоплување.

Новиот американски претседател исто така потпиша уредба за враќање на САД во Светската здравствена организација (СЗО), од која Трамп излезе по избивањето на пандемијата на Ковид-19.

- Откажа една од првите акции на Трамп -

Понатаму, Бајден ја укина забраната за патување на државјаните од некои муслимански земји, која Трамп ја воведе со уредба потпишана само седум дена по преземањето на мандатот.

Бајден ја потпиша и уредбата за укинување на средствата за довршување на ѕидот на мексиканската граница, што е една од најконтроверзните одлуки во мандатот на Трамп.

- Уредба за откажување на проектот за нафтоводот -

Џо Бајден ја потпиша и уредбата за откажување на проектот за нафтоводот „Кејстон XL“, кој Обама во ноември 2015 година го одби од еколошки причини по седум години проценка, но кој го одобри Доналд Трамп по преземањето на должноста. Станува збор за нафтовод со кој е планирано суровата нафта од Канада да биде доставена до рафинеријата во Тексас.

По потпишувањето на уредбите, Бајден за новинарите изјави дека Доналд Трамп му оставил „многу великодушно“ писмо, но дека не сака да ја сподели содржината на писмото.

Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, вчера положи свечена заклетва и стана 46. претседател во историјата на земјата. На инаугурацијата во Конгресот во Вашингтон заклетвата ја положи и Камала Харис која стана првата жена на функцијата потпретседател на САД.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın