свет

Американскиот експерт Доран присуството на лидерот на ФЕТО во Америка го опиша како „проблем по националната безбедност“

- Мајкл Доран, американски експерт за Блискиот Исток на Институтот „Хадсон“, изјавувајќи дека екстрадицијата на Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО, на Турција, претставува прашање на националната безбедност на САД

Dilara Zengin,Kasım İleri   | 16.07.2021
Американскиот експерт Доран присуството на лидерот на ФЕТО во Америка го опиша како „проблем по националната безбедност“

ВАШИНГТОН 

Мајкл Доран, американски висок експерт за Блискиот Исток на Институтот „Хадсон“ со седиште во САД, изјави дека екстрадицијата на Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО, на Турција, претставува прашање на националната безбедност на САД и дека треба да се стори сѐ што е можно за негова екстрадиција, пишува Агенција Анадолија (АА).

Доран даде изјави за АА по повод петгодишнината од неуспешниот обид за државен удар во Турција изведен на 15 јули 2016 година, кога припадниците на ФЕТО инфилтрирани во државните институции се обидоа да ја соборат демократски избраната власт во земјата.

Се потсети како тогаш бил шокиран читајќи ги вестите за обидот за пуч, но среќен кога дознал дека обидот за државен удар бил неуспешен.

„Кога сфативме дека станува збор за Ѓуленовци, тоа звучеше речиси како научна фантастика. Мислам дека воопшто, целата приказна за движењето на Ѓулен, особено од перспективата на Американците, наликува на научна фантастика“, рече Доран.

Тој наведе дека бројни Американци всушност не веруваат во приказната за ФЕТО. „Не веруваат бидејќи тоа звучи како научна фантастика“, истакна Доран.

Наведувајќи дека лично имал можност да се сретне со членовите на ФЕТО во деловно опкружување, Доран продолжи со зборовите: „Видов како во лице ви зборуваат едно, а на други им кажуваат друго. Во Вашингтон имаше новинар за кого не знаев дека е Ѓуленовец. Мислев дека ми е пријател, меѓутоа, со сплет на околности, бев предупреден дека тој за мене пишува сосема спротивно. На турски пишуваше сосема спротивно од она што ми го зборуваше во лице. Во почетокот не можев да верувам бидејќи мислев дека навистина сме пријатели“, раскажа Доран.


- „Невозможно е САД да му објаснат на народот на Турција зошто овој човек престојува во Пенсилванија“

Доран нагласи дека САД би требало да сторат сѐ што е можно за да го испорачаат Фетула Ѓулен на Турција: „На тоа гледам како на прашање на националната безбедност на САД. Имаме близок сојузник, исклучително важен сојузник, за кој мислам дека со текот на времето ќе стане уште поважен. Тоа беше обид за воен удар што го водеше тој [лидерот на Фето], а го мразат сите во Турција, и Владата и опозицијата. Невозможно е САД да му објаснат на народот на Турција зошто овој човек престојува во Пенсилванија“, порача Доран.

Тој истакна и дека американската Влада не им удоволи на барањата на Министерството за правда на Турција во врска со екстрадицијата на Ѓулен.

„Не сум во можност да давам проценки за тоа. Не го знам законот и аргументите на Турците, но лично тоа би го ставил во рамките на националната безбедност. Напорно би работел за да им помогнам на Турците да ни го презентираат она што е потребно како поткрепа на нивните барања“, рече Доран.


- Ја пофали жртвата на подофицерот Халисдемир

Зборувајќи за реакцијата на турскиот народ на обидот за пуч, Доран нагласи дека најмногу го погодила приказната за херојски загинатиот подофицер Омер Халисдемир.

Нагласи дека е импресивна приказната за подофицерот Халисдемир, кој ја одбил наредбата на пучистите и го убил генералот Семих Терзи кој имал намера да ја окупира Командата на специјалните сили, со што го сменил целиот тек на случувањата таа ноќ и обидот за пуч.

„Ја изврши оваа задача знаејќи дека ќе загине или знаејќи дека шансите за да преживее се многу мали. Многу импресивно“, подвлече Доран.


- Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар

Терористичката организација на Фетула (ФЕТО), одговорна е за крвавиот обид за државен удар во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.

Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а чија екстрадиција Турција официјално ја има побарано од Соединетите Американски Држави.

Членовите на оваа терористичка организација со години местеа испити за да напредуваат во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во државните институции. Потоа, првенствено во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во правосудството на Турција монтираа процеси за наводна корупција, обидувајќи се да поведат судски постапки против бројни високи функционери во земјата.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар од страна на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч што го изведоа офицери кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажаа и турските официјални претставници. Во текот на обидот за пуч во Турција животот го загубија 251 лице, а ранети се над 2.500 лица.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.