политика

Шекеринска: „Членството во НАТО е и економска можност“

Министерката за одбрана оствари средба со нејзиниот романски колега, по што двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција

Abdula Berisha   | 11.09.2019
Шекеринска: „Членството во НАТО е и економска можност“ Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, се сретна со нејзиниот романски колега Габриел-Бениамин Леш, кој престојува во официјална посета на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Романскиот министер беше примен со високи почести, по што следуваше билатерална средба меѓу министрите и средба меѓу двете делегации.

На заедничката прес-конференција Шекеринска се заблагодари на Романија за ратификувањето на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, додавајќи дека Северна Македонија добила поддршка од Романија и за прашања што не се поврзани со НАТО.

„Она што денеска дополнително го договоривме, се и три области за кои ќе поканиме експерти или мобилни тимови кои ќе ги обучуваат нашите припадници на Армијата и вработените во Министерството за одбрана“, рече Шекеринска.

Министерката за одбрана објасни дека една од овие области се однесува на размена на искуства од страна на романските компании за пристап до пазарите на земјите членки на НАТО, додавајќи дека „членството во НАТО не е само безбедност, туку и економска можност“.

Романскиот министер во својот говор истакна дека на средбата се разговарало за билатерална и регионална соработка, како и за соработка во рамките на НАТО и Европската Унија (ЕУ).

„Во однос на билатералната соработка, ја истакнав постојаната поддршка на Романија за напорите за евроатлантска интеграција на Република Северна Македонија, со фокус на областите на стратешко планирање, обука, логистика, човечки ресурси, комуникација и информатика“, рече министерот Габриел-Бениамин Леш.

Романскиот министер, исто така ја изрази поддршката на неговата земја за процесот на реалокација на командата на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) од Грција во Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.