политика

Северна Македонија: Презентиран Годишниот извештај на народниот правобранител

Народниот правобранител го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2020 година

Husamedin Gina   | 28.04.2021
Северна Македонија: Презентиран Годишниот извештај на народниот правобранител Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) – Народниот правобранител на Северна Македонија, Насер Зибери, истакна дека минатата година во сите сфери на општеството преовладувала рефлексијата и делувањето на пандемијата од Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).

Народниот правобранител Зибери, денес во „Клубот на пратеници“ го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2020 година.

Истакнувајќи дека извештајниот период за 2020 година е период во кој преовладуваат рефлексијата и делувањето на пандемијата на Ковид-19, Насер Зибери рече дека тоа дејствувало и во однос на работата на народниот правобранител и дека во овој период се чувствува намалување и на претставките и на поплаките од граѓаните.

„Оваа моја прва констатација е поткрепена и со фактот дека во овој период бројот на претставките значително беше намален во споредба со претходните години, скоро преполовен. Тоа не е резултат на подобрување на квалитетот на заштитата на слободата и правата на граѓаните туку како резултат на ефектите на пандемијата“, нагласи Зибери.

За споредба, како што рече Зибери, во извештајната година 2020 до народниот правобранител се доставени 2.448 претставки, а народниот правобранител опфаќајќи ги и претставките од претходната година постапил по 2.931.

Во претходната 2019 година до народниот правобранител биле доставени 4.705 претставки.

Меѓу другото, Зибери рече дека во овој период посебно на удар биле правата на децата, а тука најочигледна била промената на начинот за следење на наставата.

„Префрлувањето од настава со физичко присуство во онлајн настава, односно настава на дистанца предизвика сериозни проблеми кај децата“, рече Зибери.

Тој исто така додаде дека причините за сериозните проблеми во наставата се неможноста за непрекинато и квалитетно следење на наставата поради немањето компјутери, слаб интернет, чест прекин на електричната енергија и неплатени сметки од осиромашените родители.

Во Годишниот извештај се наведува дека граѓаните и минатата година најмногу се жалеле на остварувањето на нивните права од областа на правосудството (поднесени се 406 претставки), од кои најголемиот дел - 195, се однесувале на работата на извршителите и тоа во сите сегменти - блокирање на сметките, одземање на средствата кои се ограничени.

Одговарајќи на новинарско прашање дали народниот правобранител располага со податок колку вкупно лица имаат проблеми со добивање на државјанство, Зибери рече дека народниот правобранител не располага со точна бројка за тоа колку лица се без државјанство, но, минатата година имало 9 претставки за недобивање државјанства од граѓани кои пред осамостојувањето на Македонија се родиле овде.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.