политика

Северна Македонија: Османи најави широк процес за создавање 10-годишна стратегија за надворешната политика

Со оваа стратегија ќе се формира нова доктрина на работата на дипломатијата, приспособена на современите демократски текови, новите геополитички позиционирања, но и на новата, реална општествено-политичка околност на Северна Македонија

Furkan Abdula   | 03.04.2021
Северна Македонија: Османи најави широк процес за создавање 10-годишна стратегија за надворешната политика Фото: МНР на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, преку прес-конференција ги претстави новите проекти, збир од активности што треба да резултираат со создавање нова десетгодишна надворешнополитичка стратегија - Рефлексија 2030, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Со оваа стратегија, како што се вели во соопштението на Министерството, ќе се формира нова доктрина на работата на дипломатијата, приспособена на современите демократски текови, новите геополитички позиционирања, но и на новата, реална општествено-политичка околност на Република Северна Македонија.

„Иако имаме многу работа и понатаму, можеме да констатираме дека нашите стратешки цели влегуваат во една врамена, предвидлива фаза која покажува издржливост на секојдневните предизвици и закани. Оттаму, мислам дека сега е вистинско време да направиме пресек на досегашната улога на надворешната политика и постигнатите резултати, на некој начин да подвлечеме црта, и да направиме еден вид проекција, или уште подобро рефлексија за идните надворешнополитички приоритети на земјата како полноправен партнер на евроатлантската заедница и активен чинител на мултилатерален план“, истакна Османи.

Според Османи, новата стратегија - Рефлексија 2030, ќе се создава преку широк консултативен процес, поставен на три столба: широки граѓански консултации, организирани тематски конференции и формирање Стратешки совет за надворешна политика.

„Водејќи се од основната премиса, дека надворешната политика всушност почнува внатре, дома, започнуваме со широки граѓански консултации, како прв столб на новата стратегија – Рефлексија 2030. Се работи за партиципативни демократски средби, кои ќе се одржуваат во општините ширум Северна Македонија, и преку кои ќе се обидеме да ги зацврстиме врските помеѓу обичниот граѓанин и евроатлантската интеграција на земјата. А процесот на инклузивност ќе го засилиме и на повисоко, експертско и стручно ниво, преку организирани тематски конференции за Рефлексија 2030, како втор столб на стратегијата“, додаде тој.

Османи рече дека целта е во еден инклузивен и транспарентен процес, на највисоко можно академско, експертско, стручно, па и политичко ниво, да се опфатат теми кои се дел од приоритетите на надворешната политика.

„На крајот, предвидов овој процес да добие и своја институционална форма преку создавање на т.н. Стратешки совет за надворешна политика, ова е третиот столб на стратегијата, постојано тело во рамките на Министерството за надворешни работи. Ова советодавно тело ќе претставува еден вид управувачки одбор каде по можност: најдобрите, најстручните и најискусните ресурси кои ги има државава, ќе бидат ставени во функција на следење, анализирање и транспонирање на политичките и стратешките правци на земјава во конкретните политики за надворешни работи“, нагласи Османи.

Во соопштението се вели дека новата десетгодишна стратегија за надворешна политика на Република Северна Македонија - Рефлексија 2030, треба да биде изготвена до крајот на годината, а ќе биде претставена и консултирана и со останатите институции надлежни за надворешната политика како што се претседателот, премиерот, но и надлежните комисии и совети во Собранието.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.