политика

Претседателот Пендаровски се обрати на 75. сесија на Генералното Собрание на ОН

„Здравствената криза е истовремено и економска и социјална бидејќи предизвикува сиромаштија, а, сиромаштијата е плодна почва за екстремизам и конфликти...“

Ekipa   | 23.09.2020
Претседателот Пендаровски се обрати на 75. сесија на Генералното Собрание на ОН Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, рече дека 2020-та година е една од најтешките години која ја живее човештвото во поновата историја поради пандемијата на Ковид-19, која освен што зеде човечки животи, остави длабоки последици во секоја сфера од живеењето, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Пендаровски преку видео-порака се обрати на Генералната дебата на 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, што годинава, поради пандемијата на Ковид-19, се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на ОН во Њујорк.

„Здравствената криза е истовремено и економска и социјална бидејќи предизвикува сиромаштија, а, сиромаштијата е плодна почва за екстремизам и конфликти. Конфликтите ги загрозуваат човековите права и слободи и предизвикуваат хуманитарни катастрофи и бегалски бранови. Овој вител на кризи и закани генерира страв, неизвесност и недоверба и ги поларизира односите меѓу државите, но, и внатре во државите, и конечно, го поткопува мултилатерализмот, кој денес ни е повеќе од потребен“, порача Пендаровски.

Истакна дека неопходен е нов модел на активен, инклузивен мултилатерализам, препознатлив по солидарноста меѓу нациите и хуманоста меѓу луѓето, нагласувајќи дека заради тоа една од големите задачи на ОН е да помогнат да се задржи фокусот и колективната свест и совест за глобалното добро.

Порача дека за да се преброди овој период неопходна е солидарност меѓу државите и дека трагедијата предизвикана од Ковид-19 не би смеела да се користи за кревање геополитички тензии и зајакнување на геополитичкиот натпревар меѓу големите сили. 

„Пандемијата е можност и за преструктурирање на економиите, технологиите и начинот на живот, во согласност со принципите на одржливиот развој. Сиромаштијата нема да ја искорениме само со краткорочна финансиска помош за најсиромашните, туку, преку системско оспособување на тие луѓе да имаат достоинствен живот и еднакви можности“, рече Пендаровски.

Во своето обраќање додаде дека државите-членки мора да продолжат да се залагаат за универзално образование за сите, бидејќи, како што нагласи, образованието е најмоќниот гарант на човековите права и слободи.

Предупреди дека тероризмот и насилниот екстремизам се закани за сите, потсетувајќи дека Република Северна Македонија се приклучува кон повикот на Генералниот секретар за глобално примирје и целосно почитување на меѓународното хуманитарно право во овие вонредни околности, како активен учесник во мировните мисии на ОН, но и во рамките на регионалните организации како ОБСЕ, Европската Унија и во мисиите на Северноатлантската алијанса.

„Како мала држава во југоисточна Европа, внесовме дополнителна стабилност во регионот решавајќи, со посредство на ОН, еден комплексен спор со нашиот сосед Грција. Сега договореното го спроведуваме во добра верба, од што корист ќе имаат и нашите две држави, но и регионот во целина. Истовремено, подготвени сме, сите отворени прашања да ги решаваме низ дијалог на рамноправни субјекти, за што значаен пример е Договорот за добрососедство и соработка со нашиот сосед Република Бугарија“, додаде Пендаровски.

Изрази жалење што регионот сè уште се соочува со нерешени политички и историски спорови што имаат потенцијал да го вратат во 1990-тите години. „Решението за овие проблеми лежи само во надминување на историските митови, излезот сигурно не е во идеологиите од 19-от век за етничка и верска доминација“, порача тој.

На крајот заклучи дека со сите свои недостатоци Организацијата на ОН останува единствената вистински глобална, неутрална и легитимна платформа за соработка, и дека Република Северна Македонија ќе продолжи да ги исполнува своите меѓународни обврски и да ја поддржува работата на ОН за подобар свет и за сегашните и за идните генерации.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın