политика

Пендаровски: „Состојбата во земјата и во регионот е стабилна“

Денеска се одржа осмата седница на Советот за безбедност, прва по формирањето на новата Влада на која се дискутираше за политичко-безбедносната состојба во Северна Македонија по членството во НАТО

Husamedin Gina   | 23.09.2020
Пендаровски: „Состојбата во земјата и во регионот е стабилна“ Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека состојбата во земјата и во регионот е стабилна и нема индиции дека би можел да биде загрозен територијалниот интегритет и суверенитет на државата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Денеска се одржа осмата седница на Советот за безбедност, прва по формирањето на новата Влада на која се дискутираше за политичко-безбедносната состојба во Северна Македонија по членството во НАТО.

По одржаната седница, претседателот Пендаровски одржа прес-конференција.

Според заклучокот на Советот за безбедност, како што рече Пендаровски, состојбата во земјата е стабилна.

„Советот заклучи дека состојбата во земјата и регионот е стабилна и дека нема индиции дека би можел да биде загрозен нашиот територијален интегритет и суверенитет. Надлежните институции во континуитет ги следат сите ситуации кои потенцијално би можеле да прераснат во посериозен безбедносен проблем, вклучувајќи и тука евентуално нов бран на бегалска, односно мигрантска криза“, нагласи Пендаровски.

Наведувајќи дека најголемата криза со која се соочува земјата е пандемијата на Ковид-19, Пендаровски рече дека пандемијата продира во сите сектори, како што се здравствен, економски, социјален и безбедносен.

Истакнувајќи дека на првиот состанок на Советот за безбедност по зачленувањето на земјата во НАТО се разгледани и безбедносните импликации со воведувањето на 5Г-технологијата, Пендаровски рече дека на седницата е заклучено дека Владата и надлежните институции се обврзани стриктно да ги следат сите безбедносни протоколи на Алијансата.

„Сега како членка на НАТО сме обврзани стриктно да ги следиме сите безбедносни протоколи на Алијансата и тоа како во однос на безбедносниот бекграунд на лицата, на луѓето кои работат на чувствителни места во државниот апарат, така и во однос на воведувањето дигитални технологии и корпорации како нивни носители кои имаат цели и вредности кои се некомпатибилни со целите и вредностите на западната Алијанса“, нагласи претседателот Пендаровски.

Тој истакна идека Министерството за надворешни работи ќе треба да започне со подготовка на меморандум за разбирање, сличен на меморандумите што ги потпишале државите од регионот и земјите членки на Алијансата.

На состанокот, покрај премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери, присуствуваа и министрите Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Бујар Османи, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како и директорите на трите македонски безбедносни и разузнавачки агенции.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.