политика

Пендаровски и Џафери со честитки до Вјоса Османи за изборот за претседателка на Косово

„Верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и Косово ќе продолжи со уште посилен интензитет, во духот на добрососедството и пријателските односи“

Ekipa   | 05.04.2021
Пендаровски и Џафери со честитки до Вјоса Османи за изборот за претседателка на Косово

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и претседателот на Собранието, Талат Џафери, ѝ го честитаа изборот на Вјоса Османи за претседателка на Република Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Пендаровски, во својата објава на социјалната мрежа Твитер, честитајќи го изборот на Османи, рече: „Верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и Косово ќе продолжи со уште посилен интензитет, во духот на добрососедството и пријателските односи.“

Честитки до Османи по повод изборот, преку социјалните мрежи, упати и претседателот на Собранието, Џафери, истакнувајќи дека Османи е политичар, жена и над сѐ човек со вредности, доблести и бестрашен став.

„Посакувам надежите, довербата и силната поддршка да бидат најголемиот поттик во реализацијата на твојата визија и далекувидност за развиена, демократска држава, пријател на Република Северна Македонија“, порача Џафери.

Синоќа, пратениците на Собранието на Косово ја избраа Вјоса Османи за претседателка на Косово во третиот круг на гласање, со 71 глас од 82 пратеници, колку што учествуваа во гласањето, со 11 неважечки ливчиња.

Османи одреден период ја вршеше функцијата претседателка на Парламентот на Косово, а беше и вршител на должноста претседател на државата.

Честитки до Османи упати и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.