политика

Заев: „Мојот предлог е организирање брзи предвремени избори“

„Ние сме жртви на историска грешка на ЕУ и тоа кај сите нас предизвикува огромна огорченост. Јас сум разочаран и лут и знам дека целиот наш народ се чувствува така, затоа гневот и тежината на граѓаните ги чувствувам како уште една лузна", рече Заев

Admir Fazlagikj   | 19.10.2019
Заев: „Мојот предлог е организирање брзи предвремени избори“ ( Foto: Umeys Suleyman/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, одржа прес-конференција во Владата, по повод недобивањето датум на Северна Македонија за почнување на преговори за членство во Европската Унија (ЕУ), при што предложи во земјата да бидат одржани брзи предвремени избори, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев во своето обраќање потсети дека во изминатите два дена беше одржан Самитот на лидерите на ЕУ на кој не беше донесена одлука за Северна Македонија да добие датум за почнување на преговори за членство во Унијата. 

„Пред два дена во Брисел ни беше направена голема неправда. Европската Унија не го испорача тоа што ни го вети. Ние ги завршивме сите наши обврски. Испорачавме резултати во реформите, ги решивме споровите со соседите, а таа не си остана на зборот. Тоа што Европската Унија не успеа да донесе одлука за отворање на преговори со нас е нејзина историска грешка и тоа го потврдија сите европски лидери. Ние направивме сѐ што требаше и сѐ што можевме“, изјави Заев и упати благодарност до, како што рече, мнозинството европски лидери кои се бореле за Северна Македонија, додавајќи дека ја цени нивната поддршка.

„Ние сме жртви на историска грешка на ЕУ и тоа кај сите нас предизвикува огромна огорченост. Јас сум разочаран и лут и знам дека целиот наш народ се чувствува така, затоа гневот и тежината на граѓаните ги чувствувам како уште една лузна. За мене лично ова неисполнето ветување е исклучително лоша и неправедна постапка на Унијата, а истовремено и сериозна работа. Јас така ја толкувам и никако поинаку. Но тоа е одлука на ЕУ поради нејзини нерешени внатрешни работи, и таа одлука ние не можевме да ја промениме. Сепак, ние и тоа како сме одговорни за сопствените одлуки кои ги носиме за нашите граѓани и за македонската иднина. Сериозноста на актуелниот миг бара од мене и од сите нас сериозна одлука“, потенцираше Заев.

Премиерот на Северна Македонија рече дека поаѓајќи од своите уверувања дека секој политичар мора да биде одговорен, чесен и доблесен, ја презема врз себе разочараноста на својот народ и одговорно излегува пред граѓаните. 

„Се исправам пред вас и јасно и одлучно порачувам: европскиот сон на македонскиот народ нема да биде срушен. Европскиот сон на Македониците, Албанците, Србите, Власите, Турците, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во нашата земја нема да биде срушен. Затоа, почитувани граѓани, одговорно се исправам пред вашата одлука. Сега е потребен вашиот став, немаме време за губење, и затоа мојот предлог е: организирање брзи предвремени избори. Избори најбрзо што може. Избори на кои вие, граѓаните, ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја. Токму ова ќе биде мојот предлог на утрешната лидерска средба кај претседателот“, истакна Заев.

Меѓу другото, тој рече дека граѓаните имаат мандат да одлучат „дали да одиме по вистинскиот пат на демократски и европски вредности, патот на развој и просперитет, патот што води напред или да одиме по мрачниот пат на изолација, национализам, поделби и конфликти, односно патот што води назад“.

Исто така, во своето обраќање Заев истакна дека нема да дозволи „никој да ни го одземе членството во НАТО и да ни ја наруши безбедноста и стабилноста која ја добиваме, станувајќи членка на НАТО“.

„На оние кои здушно работеа и посакуваа да не ни биде даден старт за преговори, и кои тајно или јавно се радуваат на неуспехот на својата земја, сакам да им кажам да не забораваат дека овој народ ќе го памети тоа, особено кога ќе застане на гласачкото место. A тоа е многу скоро.“

На новинарско прашање да даде коментар за тоа како и покрај Преспанскиот договор кој го постигнаа Северна Македонија и Грција, кој беше услов за откочување на евроинтегративните процеси на земјата, не е добиен датум за почнување преговори со ЕУ, премиерот Заев одговори дека причините за проширувањето, методологијата околу проширувњето, реформите во Европа, отвораат дебата во ЕУ, и дека Франција, а со тоа и ЕУ, одлучија дека им треба време.

Потсетуваме, во петокот на Самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ, не се постигна консензус околу отворањето на преговори за членство на Северна Македонија и Албанија.

По тој повод, претседателот на Северна Македонија во своето обраќање до јавноста за утре закажа лидерска средба на која ќе се разговара за актуелната состојба.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.