политика

Заев и Мицкоски постигнаа договор, пописот во Северна Македонија одложен за септември

„Постигнавме договор заради имунизацијата на населението, можноста да се прими и втора вакцина од страна на попишувачите, да го одложиме пописот на населението дома, почнувајќи од 5 септември до 30 септември...“

Husamedin Gina   | 29.03.2021
Заев и Мицкоски постигнаа договор, пописот во Северна Македонија одложен за септември

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија и лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, по завршувањето на лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека е постигнат договор за одложување на пописот на населението, домаќинствата и становите за наесен, поточно од 5 до 30 септември, јавува Агенција Анадолија (АА).

Заев и Мицкоски денес остварија средба во Клубот на пратеници.

Веднаш по средбата дадоа изјави за медиумите во кои истакнаа дека средбата била позитивна и дека се договориле за одложување на пописот и одблокирање на Парламентот за донесување на важни закони од областа на економијата.

Заев во изјавата за медиумите по средбата со лидерот на ВМРО ДМПНЕ истакна дека се договориле пописот на населението и домаќинствата поради екот на пандемијата од април да се одложи за септември.

„Постигнавме договор заради имунизацијата на населението, можноста да се прими и втора вакцина од страна на попишувачите, да го одложиме пописот на населението дома, почнувајќи од 5 септември до 30 септември, со што се одложуваат и изборите (локални) како што е пропишано во прва половина на октомври да бидат одложени за втора половина на октомври“, нагласи Заев, додавајќи дека дијаспората ќе може да се попишува до 30 септември.

Истакнувајќи дека претходно добил согласност од ДУИ и од БЕСА, Заев рече дека се информирани претседателот на државата, претседателот на Собранието и дека ќе ги консултира и другите парламентарни партии.

„Треба да имаме разбирање секогаш кога има аргументација за таа работа. Мене ме ужаснува помислата дека пандемијата ќе трае можеби есента, можеби и другата пролет. И кој може тоа да го гарантира“, рече Заев, додавајќи дека сега барем до есента ќе има можност за имунизација и дека населението ќе биде побезбедно.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека лидерската средба ја предложил за спасување на повеќе човечки животи, рече дека денешниот состанок е позитивен и успешен и дека е постигнат договор за одложување на пописот.

Нагласидека земјата се наоѓа во војна со невидлив непријател и дека е потребно да се покаже капацитет со којшто ќе спасат што е можно повеќе луѓе.

Осврнувајќи се и на другите прашања за кое е разговарано денес, Мицкоски рече дека постигнале договор за измените во Изборниот законик.

„Се согласивме и веќе утре на дневен ред во рамките на Парламентот ќе биде измената во Изборниот законик којашто се однесува за терминалите за очитување на отисок на прст“, рече Мицкоски, додавајќи дека очекува успешно да биде изгласана во Собранието.

Исто така, како што рече Мицкоски, на средбата со Заев се согласиле за да се охрабрат групите во Собранието кои преговараат за останатите измени во Изборниот законик, како што се измена на изборниот модел, изборна единица, отворени листи за советници на следните локални избори, избор на градоначалник во прв круг и гласањето на дијаспората на следните парламентарни избори.

Лидерот на најголемата опозициона партија, меѓу другото, истакна дека на денешната средба се согласиле ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Собранието да работи заедно со мнозинството на сите закони кои се однесуваат за реформската агенда за интеграција на земјата во ЕУ и за поддршка на стопанството.

Мицкоски, исто така, истакна дека на средбата од премиерот Заев бил информиран дека во април се очекуваат да пристигнат 350.000 дози на вакцини и дека ќе започне процесот на масовната имунизација на населението.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.