политика

Заев во Брисел на средби со челниците на ЕУ, побара поактивно вклучување за деблокада на стартот на преговорите

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласи дека се залага Северна Македонија и Албанија заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одложување

Ekipa   | 10.05.2021
Заев во Брисел на средби со челниците на ЕУ, побара поактивно вклучување за деблокада на стартот на преговорите Фото: Dursun Aydemir/АА

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во рамките на неговата посета на Брисел, денеска оствари средби со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји, пренесува Агенција Анадолија (АА).

На средбата со Фон дер Лајен, на која присуствуваа и заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, Заев упатил порака до претседателката уште поактивно вклучување на Европската комисија во изнаоѓањето решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.

Од Кабинетот на премиерот соопштија дека Заев нагласил дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија не смеат да бидат тема на разговори и ангажманот на Брисел, и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.

„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порачал Заев на средбата со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен.

Тој нагласил дека Северна Македонија ги спровела сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.

Како што се соопштува од Кабинетот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласила дека Европската комисија ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман истакнувајќи ја важноста на процесот, кој, како што изјавила, не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ. Додала дека се залага двете земји, Северна Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одложување.

- Средба Заев - Вархеји во Брисел -

Премиерот Заев, придружуван од својата делегација, во Брисел оствари средба и со еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија (ЕУ) Оливер Вархеји.

Од Владата на Северна Македонија соопштија дека еврокомесарот Вархеји на состанокот порачал дека неговата цел, како и целта на Европската комисија, е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

Вархеји додал дека ЕУ е посветена на Западен Балкан и дека денес после 2,5 години, во Советот на министри за надворешни работи на членките на ЕУ се води стратешка дебата за Западен Балкан во која приоритет е деблокадата на европскиот пат на Северна Македонија.

Заев на средбата со еврокомесарот Вархеји, како што се нагласува во соопштението, истакнал дека високо ги оценува овие напори на Европската комисија и дека очекува соодветно ниво на соговорници и соработници од страна на Бугарија.

„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, нагласил Заев.

Премиерот Заев и еврокомесарот Вархеји се согласиле дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија.

Заев во Брисел оствари средба и со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.