политика

Во Северна Македонија в недела се одржуваат локални избори

Право на глас на локалните избори имаат 1.824.864 лица кои ќе можат да изберат помеѓу 303 листи на градоначалници и 567 листи за советници

Abdula Berisha   | 14.10.2021
Во Северна Македонија в недела се одржуваат локални избори Фото: Umeys Sulejman/AA

СКОПЈЕ (АА) - Оваа недела во Северна Македонија ќе се одржи првиот круг од локалните избори, на кои граѓаните ќе изберат градоначалници на 80 општини и членови на општински совети, како и градоначалник на Град Скопје и членови на Градскиот совет, пишува Агенција Анадолија (AA).

Право на глас на локалните избори имаат 1.824.864 лица кои ќе можат да изберат помеѓу 303 листи на градоначалници и 567 листи за советници. Карактеристика на овие избори е големиот број независни кандидати за градоначалници или членови на општински совети, поддржани од здруженија на граѓани и граѓански организации.

Изборната кампања, која завршува в петок, последните денови се вжешти со меѓусебни обвинувања меѓу политичките партии.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), предводен од премиерот Зоран Заев, кој на локалните избори одржани во 2017 година победи во 56 општини и Град Скопје, главно на изборите оди со актуелните градоначалници под мотото „Најдоброто за мојата општина“.

Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која освои 5 општини во 2017 година, ја обвинува Владата за лошо управување и корупција, додека своите кандидати ги претставува под мотото „Создади нова иднина“

Што се однесува до албанскиот политички табор, Демократската унија за интеграција (ДУИ), која освои 10 општини во 2017 година и која е дел од владејачката коалиција, исто така, главно се натпреварува со актуелните градоначалници, додека кандидатите ги претставува под мотото „Дејствувај правилно, гласај зелено!"

Алијансата за Албанците, која во 2017 година победи во 3 општини, овој пат е во коалиција со партијата Алтернатива. Под мотото „Чисто“, оваа коалиција исто така ја обвинува власта за лошо управување и корупција.

Движењето БЕСА, кое победи во една општина во 2017 година и кое е дел од парламентарното мнозинство, ги промовира своите кандидати под мотото „Со сѐ што имаме“.

Специфика за овие избори се и двете меѓуетнички предизборни коалиции: СДСМ, ДУИ и БЕСА од една страна и ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Алтернатива од друга страна.

На овие избори учествуваат и турските политички партии во земјата: Демократската партија на Турците (ТДП), Партијата за движење на Турците (ТХП) и Турското движење за национално единство (ТМБХ), кои во одредени општини се натпреваруваат со свои кандидати за градоначалници и кандидати за општинските совети.

ТДП изборната кампања ја води со слоганот „Секаде сме, со вас сме“, ТХП изборната кампања ја води со слоганот „За вас, еден од вас“, додека ТМБХ со слоганот „24 часа ви стоиме на располагање“.

В сабота, еден ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат лицата во казнено-поправните установи, внатрешнораселените лица, како и лица со попреченост и болните лица.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 31 октомври.

Во меѓувреме, Државната изборна комисија (ДИК) ги продолжува подготовките за изборите, во кои за првпат ќе се користи опрема за идентификување на отпечатоци од прсти на гласачите.

Државната изборна комисија (ДИК), исто така, формира специјални избирачки одбори во општините каде што се пријавени поголем број заразени или лица во изолација поради Ковид-19, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот за време на изборниот процес.

Ова се седмите локални избори во Северна Македонија, а првите локални избори беа одржани во 1990 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın