политика

Аналитичарите за АА: Преспанскиот договор не може да се укине, но важно е како ќе се спроведува

„Сегашната левичарска Влада во Скопје сака и со Мицотакис да има одлични односи. Суштинската криза може да се појави ако имаме две власти и во Скопје и во Атина кои не ја сакаат имплементацијата на Преспанскиот договор“, истакнува Арсовски

Admir Fazlagic   | 12.07.2019
Аналитичарите за АА: Преспанскиот договор не може да се укине, но важно е како ќе се спроведува

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ

Преспанскиот договор што минатата година го постигнаа владите на Грција и Северна Македонија, со кој се реши повеќедеценискиот спор за името, ќе се спроведува, а останува да се види каква ќе биде неговата интерпретација од страна на новоизбраниот грчки премиер, Киријакос Мицотакис, и Владата која тој ќе ја предводи. Суштинската криза може да се појави доколку има власти и во Скопје и во Атина кои не ја сакаат имплементацијата на Договорот, велат политичките аналитичари во разговор за Anadolu Agency (AA).

Ова е генералниот заклучок на политичките аналитичари кои зборуваа за перспективата на односите помеѓу Република Северна Македонија и Грција и за спроведувањето на Преспанскиот договор, откако во Грција, на 7 јули, се одржаа предвремени парламентарни избори на кои дојде до промена на власта. Победи политичката партија Нова демократија предводена од Киријакос Мицотакис, освојувајќи 40 отсто од гласовите, а загуби дотогаш владејачката партија Сириза, на досегашниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за АА вели дека доколку се исклучи прашањето за името, односите на Северна Македонија и Грција, традицонално, секогаш биле одлични. Арсовски додава дека Грција е еден од најголемите инвеститори во Северна Македонија, а дека дипломатските односи помеѓу двете земји се пристојни и никогаш немале некое друго отворено прашање. Поради тоа, смета овој аналитичар, на техничко ниво односите ќе продолжат да бидат добри, бидејќи, како што вели, Грција, помеѓу другите, е еден од најголемите промотори на брзото зачленување на целиот Балкан во ЕУ.

Но во однос на перспективите на односите низ призма на Преспанскиот договор и неговото спроведување, Арсовски истакнува дека по одржаните избори во Грција, на власт доаѓа една гарнитура која има различен однос кон Преспанскиот договор.

„Со промената на власта во Грција, на власт доаѓа, и тоа со големо мнозинство, Нова демократија, која по прашањето за Преспанскиот договор, проблемот за името и Република Северна Македонија, има сепак еден понационално романтичен наратив, отколку претходникот Ципрас. Особено што се однесува до домашната политика, би рекол понационалистички, попатриотско-пополустички наратив. Во таа смисла, Преспанскиот договор не може да се укине или да се замени со ништо друго бидејќи е веќе државен договор и тука Мицотакис нема многу простор за маневар“, истакнува Арсовски и додава:

„Она што очекувам дека може да биде прашање на проблем се интерпретациите на Договорот онаму каде што сè уште има простор за интерпретација. Тоа се најмногу ревизијата на историјата, која е зацртана во Преспанскиот договор, трговските марки... Тука очекувам дека Мицотакис ќе прави некакви потези кои можат да се толкуваат како политички маркетинг дома, што би значело поостро поставување на Грција кон Преспанскиот договор во понатамошната негова имплементација“.

За очекувањата во однесувањето на новата Влада во Грција кон евроатлантските процеси на Северна Македонија, Арсовски смета дека Грција има стратешки интерес регионот да се зачлени во ЕУ и во НАТО што е можно побрзо, заради зголемен пазар, заради инвестиции, и во краток период не очекува проблеми во врска со ова прашање, особено не до членството на Македонија во НАТО или до почетокот на преговорите.

„Доколку интерпретацијата на Преспанскиот договор доведе до некакви тензии помеѓу Скопје и Атина, можеме да очекуваме проблеми во преговорите на Северна Македонија со ЕУ“, смета Арсовски.

- „Скопје има стратешки интерес да одржи добри односи со Атина“

Според Арсовски, актуелната власт во Скопје има стратешки интерес да одржи добри односи со Атина, и тој истакнува дека првите потези на Владата се во таа насока. Суштинското прашање, според неговото мислење, е како некоја нова власт, условно речено десна, би „играла“ со Мицотакис.

„Сегашната левичарска Влада во Скопје сака и со Мицотакис да има одлични односи затоа што го сака спроведувањето на Преспанскиот договор. Суштинската криза може да се појави ако имаме две власти и во Скопје и во Атина кои не ја сакаат имплементацијата на Преспанскиот договор. Тогаш имаме проблем.Тогаш можат да направат провокации кои можат да ја загрозат имплементацијата на Преспанскиот договор. Можат едноставно да стават статус кво и да не прават ништо долго време што за регионот не е добро“, истакнува Арсовски.

- Дилема околу интерпретирањето на Преспанскиот договор

Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија и политички аналитичар, Исмет Рамадани, вели дека за да бидат поиздржани односите на новата власт во Грција и власта во Северна Македонија, се очекува поголема инволвираност на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД), земајќи ги предвид ставовите на Мицотакис од претходно.

Според Рамадани, има разни мислења во однос на спроведувањето на Преспанскиот договор откако во Грција се случи промена на власта, во контекст на тоа дека ќе има пречки во однос на интерпретацијата на самиот договор.

„Но тука имаме резерва посебно во член 19 од Договорот (членот 19 ги упатува двете страни на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за решавање одредени спорови што би се појавиле во текот на спроведувањето на преземените обврски со спогодбата), каде што одвреме-навреме тоа што значи интерпретирање на Договорот во испомош може да ни биде и генералниот секретар на ОН, а и Меѓународниот суд. Но, очекувам дека нема да дојдеме до таквите ситуации, затоа што сепак, со Република Грција во однос на историски личности и историски настани, мислам дека расчистивме со нив, затоа што ние се повлековме веќе од тоа што значи античка Македонија, античка Грција, тука веќе е јасен ставот и наш и нивен“, вели Рамадани и заклучува:

„Најверојатно битката политичка и дипломатска ќе биде колку тие ќе ја афирмираат нивната Македонија и колку ние ќе бидеме способни да ја афирмираме нашата Северна Македонија, и тука ќе биде таа дипломатска конкуренција. Се надевам, велам дека ќе се спроведува, затоа што едноставно? едностано не може да се раскине. Секој обид за раскинување на договорот, тука веќе става рака меѓународната заедница, тука се Обединетите нации, ЕУ, САД, така што во рамките на некои нормални односи можеме да се движиме во тоа што значи односи со Република Грција“.

Во случај кога би дошло до промени и во структурата на власта во Северна Македонија, Рамадани смета дека ниту тогаш не би постоел интерес да дојде до раскинување на Преспанскиот договор.

Исто така, додава Рамадани, НАТО-структурите, САД и ЕУ нема да дозволат пак од нула да почнат преговорите за името, што всушност во практика, како што вели тој, тоа би значело излегување и од НАТО, затоа што условот за членство во Алијансата беше промена на името.

Запрашан за тоа какво ќе биде влијанието на Мицотакис и неговата Влада врз евроатлантските процеси на Северна Македонија, Рамадани потенцира дека членството во НАТО е речиси „завршена работа“.

„Во една задоволителна динамика оди ратификацијата на Протоколот, досега нема резерви", истакна Рамадани, оценувајќи ја како добра вест ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија во Големото народно собрание на Турција (ТБММ), како и најавите дека САД најдоцна до септември ќе го ратификуваат овој Протокол.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.